„Непокор“ – проект за афирмација и поддршка на македонската изворна музика

Во Музејот на македонската борба синоќа беше промовирано аудиоизданието„Непокор“, проект во продукција на Македонската радио телевизија, во соработка и со поддршка на Министерството за култура.

Целта на проектот е афирмирање и поддршка на македонската музика, творештво и музичка сцена. Дел од песните веќе беа телевизиски промовирани во ревијалниот дел на фестивалот „Цветници 2015“.

„Непокор“ содржи 12 стари револуционерни песни од македонската музичка ризница во аранжман и обработка на Никола Мицевски, а посветени на дел од најпознатите личности и настани од македонското револуционерно минато од Илинденскиот период, опеани во народот и оставени како духовно и културно наследство.

Стручен консултант за оригиналност и изворност на текстовите од песните е проф. д-р Марко Китевски. Песните ги изведуваат: Александар Тарабунов, Влатко Лозановски, Андријана Јаневска, Кирил Митовски, Маријан Стојановски, Ламбе Алабакоски, Мишко Крстевски, Зуица Лазова, Сузана Спасовска, Анастасија Петреска и женскиот хор при ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“

Во „Непокор“ се содржани стилизации на македонски револуционерни народни песни кои се одраз на музикалноста на нашиот народ кој сите свои индивидуални и колективни подвизи ги преточувал во музика со автентични обележја, рече на промоцијата министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

На современ медиумски формат, појасни Канческа-Милевска, е презентиран сегмент од најубавото македонско музичко богатство, 12 исклучително вредни, но за јавноста помалку познати изворни песни кои народниот творец ги посветил на големите револуционери од илинденскиот период, Васил Чакаларов, Пере Тошев, Апостол Петков Терзиев, Методија Патчев и многу други.

„Мелодиската и ритмичката фолклорна изворност на песните е сочувана, но авторот несомнено им дава сопствено обележје на музичките вредности, ги обликува песните со употреба на модуси карактеристични за подрачјето на македонскиот народ“, рече Канческа Милевска.

Порача музичкото издание да биде потсетник и патоказ за многу идни генерации, како да се сака, почитува и чувасопствената традиција, култура и држава.

Реализацијата на овој проект, зад кој застанаа Министерството за култура и Македонската радио и телевизија е практичен пример за тоа каков треба да биде нашиот однос кон сопственото историско наследство, кое сведочи за нашето опстојување како народ, наведе Канческа-Милевска.

06_nepokor 02_nepokor