Исплатени над 95 отсто од годинашните земјоделски субвенции

„Преку 95 отсто од годинашните субвенции се реализирани, забрзано се работи и на обесштетувањето од поплавите, а интересот за ИПАРД евидентно се зголемува“, рече денеска директорката на Платежната агенција Билјана Вуковиќ.

„Од субвенциите за исплата останува уште многу мал процент. Тоа се главно не повеќе од 500 барања за кои се неопходни дополнителни проверки поради несовпаѓање на пријавените површини со оние во регистрите или поради разликите по извршената контрола на терен“, истакна Вуковиќ на прес-конференција, одговорајќи на новинарски прашања.

Обесштетувања од поплавите досега се исплатени во неколку општини. – Како пристигнуваат извештаите од проценките, така тече и исплатата. Реализацијата практично зависи од ажурноста на општините, нагласи директорката.

Според неа, досега по сите основи од ИПАРД програмата се исплатени 4,5 милиони евра, но тоа не е реалната слика зашто во договорите има четири пати повеќе средства. Пресметката ќе се прави на крајот од програмскиот период.

„Интересот за ИПАРД се зголеми на последните неколку повици, од 2013 година наваму така што сликата сега драстично се менува. Ако се држиме за овие 4,5 милиони евра, тогаш состојбата е навистина поразителна, но треба да се земе предвид фактот што на последниот оглас имаше рекордни 840 апликации. Со оглед дека веќе стапката на прифатливост е 50 отсто, очекуваме склучување на преку 400 договори“, посочи Вуковиќ, подвлекувајќи дека работите во однос на ИПАРД се придвижуваат и сликата на крајот на програмскиот период ќе биде поинаква.

Во 2014 година на првиот ИПАРД повик имаше 215 склучени договори, а на вториот 250.