Црвен крст организира ден за спортски предизвик – Спортикус

Официјалниот почеток на летната туристичка сезона Црвен крст Охрид ќе го одбележи со организирање на атрактивен настан под мотото СПОРТИКУС-ДЕН ЗА СПОРТСКИ ПРЕДИЗВИК, насочен кон промоција и практикување на спортски активности меѓу младите.

На просторот кај Центарот за безбедност на вода на Црвен крст Охрид, на плажата Горица 1 (поранешен х. Парк) посетителите ќе имаат можност да стекнат знаења од стручни лица и испробаат бројни спортски вештини: возење кајак, едрење, пливање, сурфање, оние кои не знаат ќе можат да научат да возат велосипед, да играат тенис, да испробаат карате зафати и да се препуштат на аеробикот. Како атракција и предизвик за најхрабите ќе биде возење во спасителните чамци, со спасителите на вода, на Црвен крст Охрид.

За возрасните, медицинските тимови на Црвен крст Охрид ќе овозможат бесплатни, основни здравствени прегледи.

Сите спортски реквизити за активности се обезбедени од страна на организаторот.

„Преостанува само добрата воља и желба на родителите, со своите деца да дојдат утре, во 11 ч. на плажата Горица 1 (поранешен х.Парк).“– велат од Црвениот крст.

Настанот ќе се реализира во соработка со спортскиот клуб Акватика, ПК Охридски Бранови, ИБ фитнес, Екодром и Карате клубот ЧОЛЕ.

Во рамки на овој настан пред новинарите ќе биде најавено одржувањето на првиот натпревар во едрење помеѓу компании “MATCH RACE” Куп на Охрид, кој ќе биде со хуманитарен карактер, а ќе се реализира во периодот од 6 јули до 7 септември.