СДММ: Поддршка од меѓународни организации, сите слушнаа за режимот на Груевски

На младинскиот камп продолжуваат активностите и сесиите на тема: „Ситуацијата во Македонија и што понатаму”.

Денеска се одржа панел дебата за предизвиците и перспективите на социјалдемократските младински организации на Западниот Балкан, во којашто учествуваа претседателот на СДММ, Стефан Богоев, генералниот секретар на Младите европски социјалисти, Нина Живановиќ, и Јолеза Кока – претседателка на Форумот на Евросоцијалистичката младина од Албанија .

Богоев се осврна на фактот дека тоа што опозицијата го говори е јасно потврдено во извештаите на релевантните меѓународни организации. Извештајот на Прибе без дипломатски речник укажа на сите системски слабости, Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР јасно ги детектира изборните слабости, извештаите на “Freеdom House” и “Репортери без граници” во континуитет говорат за пристрасноста на медиумите и нивната корупција.

„Недостатокот на демократија, економско – социјалните проблеми не тангираат сите и затоа оваа борба се води сложно”, напомена Богоев.

Генералниот секретар на асоцијацијата на Млади Европски Социјалисти, Нина Живановиќ повторно ја истакна својата поддршка за опозицијата.

„Не кажувајте благодарам за нашата солидарност. Нормално е да ви помогнеме, кога вашите барања се исправни и реални”. Таа изрази задоволство што после големиот протест од 17-ти мај цела Европа ја слушна пораката од Македонија, за враќање на слободата и демократијата во Македонија, пораката „збогум Никола“.- рече Живановиќ.

Претседателката на Евросоцијалистичката младина на Албанија, Јелеза Кока пред присутните изрази задоволство за заедништвото на демократската јавност во Македонија, без разлика на етничката, верската или некоја друга припадност.

„Протестите против недемократските режими не треба да бидат гледани на етничка или било каква друга основа. Тоа е показател дека борбата која ја водите е повеќе од исправна”.-рече Кока.

Во дискусијата се вклучи и генералниот секретар на Меѓународната унија на социјалистичката младина (IUSY), Евин Инчир која истакна дека надежта за перспективна иднина се враќа кај граѓаните на Македонија, затоа што непосредната секојдневна комуникација што ја практикува опозицијата придонесе за губење на стравот од нелегитимната власт.

Во интерактивниот дел, свое обраќање имаше и Лука Божовиќ, генерален секретар на Социјалдемократската младина на Хрватска, кој испрати поддршка за младите социјалдемократи, за СДСМ и напомена дека примарна цел за Македонија, после демократските избори, е целосно да се ослободат институциите, нивна департизација и силна заложба за промовирање и практикување на фундаменталната вредност – демократијата.

Претседателот на СДММ, Стефан Богоев во своето завршно обраќање посочи дека на масовниот граѓански протест на 17-ти мај во Скопје забележливо беше заедништвото на граѓаните, знамињата од различни етникуми, граѓанските организации.

„Во Кампот на слободата секојдневно се говори на различни јазици, се промовираат ставови на сите заедници. Ова е најсилната порака која ја испративме до сите. Ова е Македонија која сакаме да ја гледаме во иднина.” рече Богоев.