Македонските земјоделци полесно ќе можат да дојдат до кредити од комерцијалните банки и за нивно добивање ќе им требаат за половина помали банкарски гаранции. Тоа им го овозможува денеска потпишаниот Договор за соработка меѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и УСАИД со кој се воспоставува Гарантен фонд за земјоделство и рурален развој што ќе обезбедува до 50 отсто од потребните банкарски гаранции.
Гарантниот фонд ќе функционира во наредните 10 години и преку него ќе се пласираат кредити во висина од 20 милиони американски долари, а доколку побарувањата се поголеми има можност да се обезбедат дополнителни средства. Фондот првенствено е наменет за корисниците на средствата од ИПАРД програмата, но ќе биде достапен и за сите типови капитални инвестиции за модернизирање и унапредување на земјоделскиот сектор.
„Преку овој гарантен фонд земјоделците и корисниците на ИПАРД кои ќе побараат кредити од Комерцијална банка, Халк банка, Прокредит банка или Стопанска банка – Битола потребно е да достават обезбедување, односно гаранција само за 50 отсто од висината на побараниот кредит, додека останатите 50 проценти ќе ги гарантира овој фонд,“ рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков по потпишувањето на договорот.
Тој прецизира дека анализите на Министерството покажале дека токму гаранцијата која ја побаруваат комерцијалните банки претставува проблем за земјоделците и за стопанствениците од руралните средини, бидејќи земјоделското земјиште и куќите во руралните средини имаат мала цена и затоа кога ги ставаат под хипотека многу малку се проценуваат.
Истакна дека за добивање кредити до 200.000 евра фондот ќе гарантира 50 отсто, а над 500.000 евра 40 отсто од потребната гаранција за банката.
Министерот Цветков најави дека МЗШВ прави напори да изнајде можност да субвенционира 50 отсто од каматите што ги плаќаат земјоделците за кредитите.
„Моменталните кредити за земјоделците имаат камата од 4 до 8 отсто што е прилично висока за нив. Идеја ни е да субвенционираме 50 отсто од каматата со што таа ќе се движи од 2 до максимум 4 отсто“, рече Цветков.
Посочи дека Министерството веќе има формирано тим од 70 агроекономисти кои им се на располагање на земјоделците за да им помогнат во подготвувањето на апликациите за проектите.
Џејмс Стајн, директорот на мисијата на УСАИД во Македонија истакна дека македонските земјоделци се соочуваат со многу предизвици при пристапот до капитал неопходен за да се модернизира и прошири нивното работење.
„Иако земјоделството е еден вид бизнис, банкарскиот сектор потешко може да го евалуира ризикот, да ги предвиди готовинските текови и расположливото обезбедување. Токму затоа банките се колебливи при одобрувањето кредити на земјоделците. За да одговори на овој предизвик, УСАИД работи заедно со неколку банки за да им помогне подобро да ги разберат финансиските потреби на земјоделците, како да ја прикажат вредноста на земјоделските фирми и да препознаат алтернативни средства за обезбедување“, рече Стајн.
Тој посочи дека земјоделството и преработката на храна се столбови на македонската економија и се извор на приходи за илјадници земјоделци и за оние кои работат во синџирот на овие индустриски сектори и извозот.
„Верувам дека со овој гарантен механизам ќе се забрза развојот на земјоделството во Македонија и ќе се придонесе за поголем просперитет на многу домаќинства во руралните средини. Со овој Договор за соработка за банкарски гаранции ќе бидат обезбедени до 50 отсто од секој земјоделски кредит, односно во следната декада ќе бидат гарантирани земјоделски кредити во вкупен износ од 20 милиони долари. Со овој гарантен механизам, УСАИД и Министерството споделуваат дел од ризикот на банките и со тоа им овозможуваат почесто и со поголема доверба да ги кредитираат земјоделците“, рече Стајн.
УСАИД, додаде, учествува со 200.000 долари, а Министерството за земјоделство ќе обезбеди дополнителни 800.000 долари.