До крајот на месецов и на почетокот на идниот ќе започне градбата на капацитетите на четири претходно најавени странски инвестиции, а две ќе отпочнат со работа. Во шесте фабрики ќе се вработат повеќе од пет илјади луѓе, најави денеска премиерот Никола Груевски.
„Во јули и во август се планираат четири почетоци на градби на фабрики кои се веќе најавени и два завршетоци на градба, односно почнување со производство. Се на се четири фабрики кои претходно беа најавени започнуваат со градба, а две се завршуваат и ќе почне производството. Сите заедно ќе вработат над 5 илјади луѓе во Република Македонија“, рече премиерот Груевски во одговор на прашање по означувањето на почетокот на реконструкција на 15 улици во општина Ѓорче Петров.
Прецизира дека станува збор за фабриките Кисејфти системс (КСС) во Кичево, ОДВ Електрик во Охрид и Струга, Кондево во Штип и Гентерм во Прилеп каде ќе бидат поставени камен-темелници за отпочнување со градба, како и официјално пуштање во употреба на Техникал текстајлс во Штип и Дијатек во Технолошко индустриска развојна зона во Скопје.
Посочи дека од септември има најава за отпочнување со градба и на други капацитети на странски инвеститори, но нагласи дека се уште е рано да се соопшти кои се тие.