Собраниска делегација на 24. годишна сесија на ОБСЕ

Пратениците Владимир Ѓорчев и Беким Фазлиу, членови на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), учествуваат на 24. Годишна сесија на ОБСЕ, што се одржува од 5 до 9 јули 2015 година во Хелсинки, Финска. На сесијата учествуваат речиси 300 пратеници од 54 земји учеснички во ОБСЕ и земји партнери.

На свеченото отворање на Годишната сесија пред пратениците се обратија: Саули Нинисто, претседател на Финска, Тимо Соини, министер за надворешни работи на Финска и Илка Канерва, претседател на ПС на ОБСЕ. Тие се осврнаа на 40-годишнината од потпишувањето на основачкиот документ на ОБСЕ, Хелсинскиот финален акт и значењето на принципите содржани во него, но изразија и загриженост за развојот на настаните во регионот на ОБСЕ и кршењето на овие принципи.

На сесијата беше презентиран финалниот извештај од проектот „Хелсинки+40“, што Парламентарното собрание на ОБСЕ го спроведе во соработка со тинк-танкови од повеќе земји. Врз основа на овој извештај, пратениците едногласно усвоија резолуција „Хелсинки+40: градење на иднината на ОБСЕ“.

Комисијата за политички прашања и безбедност, Комисијата за економски прашања, наука, технологија и човекова околина и Комисијата за демократија, човекови права и хуманитарни прашања ги разгледаа извештаите и ги усвоија резолуциите на тема „Повикувајќи се на духот на Хелсинки“.

Трите комисии на ПС на ОБСЕ продолжуваат со работа по другите точки на дневниот ред, што се однесуваат на состојбата во Украина, кризата со мигрантите и бегалците во Медитеранот, контролата на вооружувањето, климатските промени, малцинските права, тероризмот во регионот на ОБСЕ и сл.

За нов генерален секретар на ПС на ОБСЕ со мандат од пет години, на Седницата на Постојаниот комитет беше избран Роберто Монтела од Италија.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите и права и животната средина.

Helsinki1OBSE