Заврши второто издание на фестивалот ДРИМON – постави нови стандарди во културното живеење на Струга

Петдневно нурнување во изложби, работилници, предавања, уметнички, театарски и музички перформанси, филмови, музика ѝ се случи на публиката на второто издание на Фестивалот за процесирање култура „ДримON“ во Струга кој се одржа од 23 до 27 јули на Летната сцена при Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

Донесувајќи го мотото „Нурни длабоко“, фестивалот не само што суштински се занимава со аспектите на култрата, уметноста и на граѓанското (активистичко) делување, туку и на публиката ѝ претставува свежи и актуелни имиња од современата уметничка сцена. „Све(с)т во транзит“, „Кадарен рез“, „Проектирано живеење“, „Утрешниот уметник“ и „Башка реалност“ беа насловите на програмските целини кои донесоа разновидни содржини. Сето ова, во летниот амбиент на полната со туристи Струга, даде еден поинаков белег на градот покрај Црниот Дрим – ја оживеа креативната сфера во која лежи огромен потенцијал за подобрување на сеопштиот квалитет на живеење.

„ДримON е повеќе од иницијатива затоа што уште во самиот наслов има динамика, вклученост, будност во она „ON“ и сонување во она „дрим“. Или заедно, кога будноста и сонувањето ќе се вклопат во една, како што тие би рекле, башка реалност, добиваме една поинаква реалност која живее повеќе од деновите на траењето на фестивалот. Драго ми е што оваа концентрација на ентузијазам и соновност наиде на одзив кај повеќе наши автори и уметници, и верувам дека таа иницијатива ќе продолжи и понатаму. Сите мислиме дека, како и секоја првична иницијативност, таа динамика на еден тек ќе се влее во некаква институционалност. Меѓутоа, верувам дека ДримON ќе продолжи надвор од тоа, затоа што самиот по себе веќе е институција“ – вели поетот Никола Маџиров, кој со својот музичко-поетски перформанс „Две месечини“ настапи на последниот ден на фестивалот.

Гостинот од Германија, уметникот Марко Кројач пак, имаше работилница на првиот ден и тој имаше можност да го следи целиот фестивал, и како учесник, но и од другата страна, како дел од публиката.

„Атмосферата на фестивалот беше многу симпатична и се одвиваа фантастични активности, дури и на дожд. Обожавам вакви иницијативи кои ги движат градовите и им даваат поинаков тек. Ова е мој прв ваков престој во Струга, запознав многу добри уметници, одлични домаќини и сето ова го доживувам многу позитивно“ – рече Кројач.

ДримON се реализира на волонтерска и ентузијастичка основа, поддржан од добрата волја на организаторите, здружението Иницијатива за независен културен активизам (ИНКА), на учесниците, како и локалните бизниси и граѓанскиот сектор кои во рамките на своите можности помогнаа да се одржи второто издание на фестивалот.

Младите волонтери кои беа постојана поддршка на организаторите се уште еден светол пример за анимирањето на граѓаните и давањето вистински придонес кон подобрување на квалитетот на живот во Струга.

„На ДримON имав можност за прв пат да бидам дел од волонтерски активности. За мене ова е прекрасно искуство, многу ме исполнува тоа што знам дека помагам да се одржи фестивалот, а тоа и мене ми помага. Многу се дружевме, целото мое друштво е тука, а имавме можност и да присуствуваме на интересни работилници, предавања, концерти. Сè беше супер и секако дека повторно ќе волонтирам“ – вели средношколката Анастазија Вранишкоска, волонтерка на ДримON.

Се испитуваа формите на кулутрен и социјален активизам (предавањата на Небојша Илијевски, кој зборуваше за дејата за духовен данок и социјална одговорност, и на Ана Јовковска, која ги претстави слободните зони на урбаната совест), предавања се претставија и кратки филмови на повеќе македонски автори (Милчо Манчевски, Игор Алексов, Елеонора Венинова, Наташа Фелева, Филип Матевски и Лидија Мојсовска), имаше изложби на Игор Тошевски, Енкел Дика, Љубиша Камењаров, како и на Влада Урошевиќ, кој одржа и предавање за поетиката на градовите во модерната поезија. Музичкиот дел на ДримON беше во рацете на повеќе диџеи, а настапија и гостите од Србија, групата „Ти“ и новосаѓанката Доџо. Во текот на целото времетраење на фестивалот имаше летен саем на книга во кој беа застапени изданија на „Или Или“, „Магор“, „Темплум“, „Македоника литера“ и „Блесок“, како и базар на уникатни уметничи производи.Организаторите посочија и дека комплексноста на програмата без сомнение поставува нови стандарди за културните пракси во градот, ефективно беше остварена во целост.

„Најчестите коментари кои ги довивавме беа дека на Струга задолжително ѝ треба вакво освежување“ – велат од ИНКА.

Логистички партнер во реализацијата на фестивалот беше Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, а поддршка даде и градоначалникот на Струга, Зијадин Села.