Со усвојување на „Декларацијата од Хелсинки”, денеска во главниот град на Република Финска, заврши 24. Годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), на која учествуваше Делегација на Собранието на Република Македонија, меѓу кои и пратеникот Владимир Ѓорчев.
Во своето обраќање, тој се осврна на проблемот што Република Грција го има со уставното име на Република Македонија. Потсетувајќи дека преговорите за ова прашање траат повеќе од 20 години, тој оцени дека е апсурдно што во целиот овој период, членството на Македонија во ЕУ и НАТО е блокирано од страна на Грција.
Ѓорчев нагласи дека името на нашата држава е Република Македонија, а не ФИРОМ и апелираше во ПС на ОБСЕ да се користи уставното име, за што доби аплауз од присутните пратеници.
Тој се осврна и на проблемот со мигрантите, со кој се соочуваат голем број на земји во ОБСЕ и информираше за Законот за азил, што неодамна го донесе Собранието на Република Македонија. Тој повика на широка меѓународна акција и заеднички одговор на земјите учеснички, со цел за побрзо и посоодветно справување со овој проблем.
Во рамките на 24. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ, членовите на Делегацијата на Собранието на Република Македонија остварија бројни контакти и средби со пратеници од други држави, меѓу кои со претседателот на ПС на ОБСЕ, Илка Канерва и шефот и членовите на Делегацијата на САД: сенаторот Роџер Викер и конгресмените Кристофер Смит и Роберт Адерхолт.
Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите и права и животната средина.