Исплатена е социјалната парична помош зголемена за 10%

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, го посети Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ во кој во изминатиот период беа инвестирани околу 1,2 милиони денари во реновирање и создавање на посебни станбени единици во којшто ќе престојуваат децата, во реновирање на кујната и во правење на фитнес центар, односно набавени се и справи за спортување на младинците сместени во Домот.

„Во оваа прилика би сакал да изјавам дека денеска веќе ја исплативме социјалната парична помош зголемена за 10% на околу 30.000 семејства во Република Македонија. Ова е значително зголемување на социјалната парична помош за 10% и уште едно исполнување на ветување на проект од Програмата на Владата на Република Македонија. И покрај тоа што во програмата имавме зацртано оваа година да ја зголемиме социјалната парична помош за 5%, во меѓувреме изнајдовме сили и средства за да ја зголемиме социјалната парична помош за 10% и направивме соодветни измени на Законот за социјална заштита и веќе од денеска на своите сметки, примателите на социјална парична помош околу 30.000 семејства имаат добиено повисока социјална парична помош”, рече Спасов.

За реализација на ова зголемување за 10% на ниво на една година ќе бидат обезбедени дополнителни 105 милиони денари, односно 1,7 милиони евра.

Спасов истакна дека Владата и понатаму ќе продолжи за грижата на социјално ранливите категории на граѓани со со низа мерки и проекти.

Социјалната парична помош изминатите години во просек е зголемена за 61,8%.