Работен состанок на ФФМ со претседателите на клубовите од Првата лига

Денеска во „Куќата на фудбалот“ работен состанок одржаа раководството на Фудбалската федерација на Македонија и претседателите на клубовите од Првата фудбалска лига.

Се дискутираше на актуелни теми кои значително влијаат и можат да придонесат за развој на натпреварувањето, а како главни точки беа издвоени – Телевизиските права на натпреварите од Првата лига за сезоната 2015/16, лиценцирањето на клубовите за националното првенство и системот за натпревари со Б тимовите. Свое обраќање на состанокот имаа и претставниците на комисијата за безбедност и судиската комисија при ФФМ.

Претставниците на клубовите, главно позитивно го оценија предлогот на ФФМ, натпреварите од македонската Прва лига и следната натпреварувачка сезона да се емитуваат во директни преноси. Како главни причини за емитувањето на натпреварите низ директни преноси ја истакнаа дополнителната афирмација на домашниот фудбал и поголемата одговорност кај сите учесници во играта кога натпреварите се пренесуваат во живо на телевизиски сервис. Претставниците на клубовите и раководството на ФФМ беа согласни дека ќе се зголеми интересот за откупување на телевизиските права со изградба и реконструкција на стадионите и генерално со подобрување на инфраструктурата на стадионите.

Сите присутни се заложија да се почитуваат правилата за лиценцирање, да се направат напори да се подобри инфраструктурата и во тој правец ја подржаа иницијативата на ФФМ. Одговорниот на секторот за лиценцирање при ФФМ информираше дека процесот за лиценцирање на екипите за настап во Првата и Втората лига е во тек.

Една од важните точки на состанокот се однесуваше на распределбата на паричните средства собрани од казни од минатата натпреварувачка сезона. Клубовите позитивно се изјаснија по иницијативата на ФФМ да се направи обид/програма дел од собраните средства треба да се наменат за изработка на ТВ платформа за емитување на сите натпревари од Првата и Втората лига низ директен интернет пренос. Натпреварите би се пренесувале во живо во три камери, а секој посетител би имал можност да го избере натпреварот кој сака да го следи во живо преку ффм.мк.

Останатиот дел од собраните средства ќе се одвојат за набавка на фудбалски топки за клубовите, механизација и помошни средстваза одржување на терените кои ги користат и со кои стопанисуваат клубовите.

Во однос на натпреварувањето меѓу Б тимовите, претставниците на клубовите и раководството на ФФМ се согласија дека и сезонава ќе бидат дел од натпреварувањерто за кои пропозициите дополнително ќе се утврдат. Во натпреварувањето од оваа сезона ќе имаат можност да се вклучат и екипите од Втората лига.

Раководството на ФФМ потенцираше дека е многу важно клубовите да ја прифатат програмата за развој на УЕФА во чиј рамки функционира фудбалската академија во нашата земја. Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски ја посочи фудбалската академија како еден од најзначајните проекти за развој на нашиот фудбал, напоменувајќи дека со клубовите и нивните младински категории треба да имаме партнерски однос се со цел заеднички да помогнеме во целост да ги реализираме тие проекти и заеднички да се радуваме на новите играчи кои ќе ги создадеме во иднина.