Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Вилата „Билјана” во Охрид ги прими организаторите на фестивалот „Охридско лето”, како и светски познатите уметници од продукциската куќа „Ла Фура дел Баус“ која вечерва со сценската кантата „Кармина Бурана“ ќе го отвори годинешното 55-то фестивалско издание.
На средбата на која присуствуваа директорката на фестивалот Елизабета Јанкуловска и селекторите на музичката и драмската програма Гордана Јосифова –Неделковска и Ѓорѓи Јолевски, претседателот Иванов беше запознаен со уметниците кои вечерва на Антички ќе приредат голем спектакл.
Претседателот Иванов, големите уметници ги запозна со убавините на Охрид и Македонија, и како што рече, Македонците се горди што го имаат Охрид, градот на 365 цркви , додавајќи дека ова е поднебје и место на креативни луѓе. Иванов изрази задоволство од годинешната програма, посочувајќи дека фестивалот дава исклучителен придонес за промовирање на македонската култура во светот, како и на најзначајните светски културни достигнувања пред македонската публика. Им посака на домаќините голем успех во реализацијата на годинешната програма. Македонскиот претседател Иванов изрази очекување дека и вечерашниот настап на „Ла Фура дел Баус“ ќе даде посебен белег на ова издание на „Охридско лето“ .
Сценската кантата „Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф и во изведба на шпанската продукција „Ла Фура дел Баус“, вечерва во 21 часот на стандардната фестивалска сцена ќе го означи почетокот на 55-то издание на најголемата културна манифестација во Македонија, „Охридско лето“.