Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес се обрати до граѓаните на Република Македонија по повод постигнатиот договор на лидерите на политичките партии.
„Почитувани граѓани на Република Македонија,
Го поздравувам постигнатиот договор меѓу лидерите на политичките партии и повторното воспоставување на политичкиот дијалог во рамки на институциите на Република Македонија.
Очекувам во најкраток можен рок, да се нормализира политичката клима и да се врати целосната посветеност на евроинтеграциите на Република Македонија. Токму на ова поле ни претстојат предизвици, за кои ни се потребни обединетост, меѓусебна доверба и меѓусебна соработка. Затоа, европската агенда мора повторно да биде прв приоритет на дневниот ред во Република Македонија.
Доаѓа време на отрезнување и освестување. Следува период кога сите институции треба да го покажеме својот капацитет и подготвеност да се справуваме со сето она што го попречува нашиот евроатлански пат.
Партиите, да си ја сфатат улогата што ја имаат во општеството и да ги анализираат последиците од сите нивни активности и неактивности. Сите треба да извлечеме поука од оваа криза.
Сакам да искажам благодарност на претставниците од Европската комисија и Европскиот парламент, како и на амбасадорите на ЕУ и САД, што вложија многу напор, и благодарност што во вакви моменти имаме пријатели кои мислат за иднината на Република Македонија.
Со постигнатиот договор сите ја препознавме европската моќ на обединување. Барам, Европскиот совет да ја вреднува покажаната конструктивност на политичките лидери и во најбрзо време да донесе одлука за почеток на пристапните преговори за членство во Европската унија, како важен предуслов за продолжување на македонската европска интеграција и демократизација, но и како брана за превенција од вакви и слични кризи во иднина.
Многу пати досега, повикував на дијалог и институционално решавање на сите несогласувања, посочувајќи дека враќањето на довербата на граѓаните во државните институции е клучно за демократијата во Македонија.
Отсуството на дијалогот и непочитувањето на институциите, се во основата на секоја криза што сме ја имале досега. Затоа, повикувајќи се на овој позитивен исчекор сметам дека сум должен повторно да повикам дека јас, како Претседател останувам отворен за сите добронамерни иницијативи во интерес на граѓаните и државата. Вратата на претседателскиот кабинет останува отворена.
На крајот, се надевам дека одредбите од постигнатиот договор нема да бидат мотив за гола борба за власт, туку натпревар на идеи и програми со кои ќе се добива довербата на граѓаните на Република Македонија. Суштината на политичката борба не се личните суети и кариери, туку битка за просперитетна и европска Македонија.“– истакна Иванов.