Вечерва концерт на виолончелистот Александар Књазев и пијанистот Андреј Коробеиников од Русија

Во рамките на „Охридско Лето“, вечерва со почеток во 21:00 часот во црквата Св.Софија концерт ќе одржат  виолончелистот Александар Књазев и пијанистот Андреј Коробеиников, двајцата од Русија.

Александар Књазев критичарите го сметаат за еден од најмоќните виолончелисти во светот. Постојано е активен на светските музичките сцени, соработувајќи со диригенти како Александар Ведерников, Мстислав Ростропович, Јуриј Темирканов, и оркестри како што се Оркестарот на Би-би-си во Лондон, Баварскиот радио симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Гетеборг, Симфонискиот оркестар на Балтимор, Токискиот симфониски оркестар, Прашката филхармонија, Државниот академски симфониски оркестар на Русија и многу други. Соработувал и со пијанистите Евгениј Кисин, Николај Лугански, Борис Березовски, виолинистите Виктор Третјаков, Вадим Репин, Дмитриј Махтин, како и голем број други врвни уметници. Често пати настапува и на некои од наjзначајните фестивали во светот „Еспинио фестивал“ („Espinio festival“) во Португалија, „Ла фол журне“ („La Folle Journée“) во Нант, Билбао, Токио и Рио де Жанеиро, „Енеску“ („Enescu“) во Романија, „Шлос Елмау“ („Schloss Elmau“) во Германија, „Десембер ивнингс“ („December Evenings“) во Русија, „Тенглвуд“ („Tanglewood“) во САД, „Музика чело фест“ („Musika Cello Fest“) во Србија, „Нафлеон“ („Naphleon“) во Грција и други, каде што постојано ги воодушевува публиката и музичката критика. Добитник е на повеќе награди на значајни национални и интернационални натпревари.

Андреј Коробеиников е руски пијанист, кој својата музичка дејност ја започнува уште на 8-годишна возраст, кога го изведува својот прв рецитал во Баку, Азербејџан. Оттогаш тој постојано настапува низ повеќе земји во целиот свет, каде што соработува со голем број реномирани диригенти, како Јури Темирканов, Владимир Ашкенази, Иван Фишер, Око Каму, Питер Старк, Александар Рудин, Росен Гергов, Максим Шостакович и др. Што се однесува до камерното музицирање, досега соработувал со некои од најголемите изведувачи на денешницава, меѓу кои: Вадим Репин, Дмитриј Махтин, Александар Књазев, Борис Березовски, Икујо Накамичи и др. Задоволство да свират со уметник како Коробеиников, имале и голем број светски признаени оркестри, како Лондонскиот симфониски оркестар, Националниот оркестар на Франција, Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Чешкиот филхармониски оркестар, Токискиот филхармониски оркестар и многу други. Коробеиников учествувал на повеќе престижни фестивали, како „Ла рок дантерон“ („La Roque d’Anthéron“) и „Фестивал д радио Франс е Монпелје“ („Festival de Radio France et Montpelier“) во Франција, „Кларафестивал“ („Klarafestival“) во Белгија, „Јанг јуро класик“(„Young Euro Classic“) во Германија, „Вајт најтс“ („White Nights“) и „Нортерн флауерс“ („Northern Flowers“) во Русија и др. Добитник е на голем број награди и признанија.