Рускиот пијанист Андреј Коробеиников и виолончелистот Александар Књазев кого критичарите го нарекуваат најмоќниот виолончелист на светот синоќа во црквата „Света Софија“ приредија неповторливо доживување за публиката на „Охридско лето“. Двајцата познати руски музичари кои настапуваат на светските музички сцени и освојуваат награди и признанија, по синоќешниот концерт изјавија дека се воодушевени од амбиентот во кој го одржа концертот.
„Премногу сум среќен што повторно настапувам на ова посебно место на планетава и на овој фантастичен фестивал којшто се одржува по 55-ти пат каде досега настапувале Рихтер, Ростропович, како и годинава Иво Погорелиќ, Вангеров и Књазев вечерва. Многу е важно што концерот се одржа во едно место што не е важно само за религијата, туку и за уметноста. Неверојатно е каква прекрасна публика имавме во Охрид и за тоа и се заблагодарувам. Таа возврати повеќе од она што ние и го дадовме. Имаше моменти каде имаше божествени енергии. Публиката тоа ни го врати назад а за нас уметниците тоа е многу важно“, изјави Андреј Коробеиников.
Виолончелистот Књазев беше пленет од акустиката на „Света Софија“, но и од публиката која со максимално внимание го проследи двочасовниот концерт за пијано и виолончело.
„Премногу сум среќен што настапував вечерва во овој прекрасен Охрид. Имаше наговестувања да дојдам овде пред четири години но, еве сега одржав концерт. Прекрасно е да се настапува во оваа црква. Го чувствувам времето во една друга димензија. Пресреќен сум што ги изведував моите омилени дела, Рахмањинов, Франк и Шостакович-соната со мојот колега Андреј Коробеиников, и да најавам дека утре во истата црква ќе настапува Николај Лугански со кого јас соработувам и минатиот месец ја свиревме истава програма во Париз“, рече Књазев.
Концертот на двајцата руски уметници го проследи и македонскиот амбасадор во Австрија Ѓорѓи Филипов.
„Тоа беше прекрасно уживање на едно дуо. Можам да кажам дека два потока се слеаја во една река, а ние уживавме во тоа, во тешките нумери од Рахмањинов, Шостакович и во уште една соната наменета за виолина но преработена и за виолончело од Цезар Франк. Фантастична изведба. Инструменталистите се предадоа и со тело и со душа и со дух, а ние уживавме“, изјави амбасадорот Филипов.
Пијанистот Коробеиников и прексиноќа одржа концерт за пијано и ја воодушеви публиката на „Охридско лето“.