Општина: Охриѓани се свесни за домаќинското и отчетно работење на својот градоначалник

Во врска со реакцијата на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:

Очигледно е дека изгубени во безидејните лавиринти, паника и нервоза постои само и само во редовите на СДСМ- Охрид.

Добро е што луѓето кои финансиски го опустошија Охрид, а чии последици ќе ги чувствуваме уште долго, конечно почнаа да ги користат термините недомаќинско и неодговорно, но сигурно тоа произлегува од традиционалниот израз “мувата на капата”.

Граѓаните на Охрид се свесни за домаќинското, одговорното и пред се отчетното работење на својот Градоначалник. Стравот во редовите на СДСМ- Охрид е сосема оправдан и произлегува од фактите за реализирани повеќе од 400 проекти, инвестиции од 179 милиони 166 илјади и 332 денари во инфраструктурни проекти, реконструкции, санации и одржување на улици со површина од 130 860 метри квадратни, изградените пет кружни токови, новите линии за атмосферска и фекална канализација во должина од 12 570 метри, а во вредност од 89 милиони 681 илјада и 970 денари, водоводни линии во должина од 8 000 метри во вкупен износ од 25 милиони 426 илјади и 912 денари, и уште бројни показатели кои континуирано, транспарентно и отчетно ги презентираме пред граѓаните на Охрид, проекти кои ги креираме во дослух со граѓаните со етаблирање на заедничките приоритети.

Сведоци сме на “реализираните проекти” од времето на владеењето на СДСМ со нашиот град. Истите “проекти” се изразени во милионски долгови на наша и на сметка на многу други генерации по нас и носат назив- Комплетно опустошување на градот во секоја смисла на зборот.

За жал не само ние туку и многу други раководства на локалната самоуправа ќе го чувствуваме “планот на СДСМ за Охрид”.
Посакуваме никогаш и никој повеќе да нема таков “план” за Охрид.“– стои во реакцијата.