Откриени четири обиди за избегнување на плаќање увозни давачки, од кои два во Струга

Во текот на минатата недела, на царинските испостави Гевгелија, Струга и Струмица се откриени четири обиди за избегнување на плаќање увозни давачки.

Два обиди за избегнување плаќање увозни давачки со приложување на лажни фактури при увозно царинење се откриени на царинската испостава Струга.

Во првиот случај, фирма од Дебрца, со две царински декларации пријавила за увозно царинење вајт шпирит, при што приложила фактури со вкупна вредност од 21.290 американски долари. Заради сомневање во декларираната вредност на стоката, царинските службеници извршиле детален преглед на двете возила со кои била транспортирана стоката, при што во ташните на возачите, сместени ва кабините на возилата, биле пронајдени оригиналните фактури и извозните декларации издадени од царинската служба на Унгарија. Според податоците во оригиналните документи било утврдено дека вистинската вредност на стоката изнесува 34.064 евра, врз основа на што се пресметани дополнителни увозни давачки во износ од околу 420 илјади денари.

Во вториот случај друга фирма од Дебарца пријавила за увозно царинење базно масло, при што приложила фактури со вкупна вредност од 8.526 американски долари. Заради сомневање во декларираната вредност на стоката, царинските службеници извршиле детален преглед на возилото со кое била транспортирана стоката, при што во фиока во кабината на возилото, биле пронајдени оригинален ЦМР и извозна декларација издадени од царинската служба на Италија. Според податоците во оригиналните документи било утврдено дека вистинската вредност на стоката изнесува околу 13 илјади евра, врз основа на што се пресметани дополнителни увозни давачки во износ од околу 80 илјади денари.