Зголемено е производство на овчо млеко и запрен е трендот на намалување на бројот овци што особено беше евидентен до 2007 година, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков во обраќањето на десетиот поред „Ден на одгледувачите на овци и кози“ што се одржа во Маврово.
Имајќи го предвид фактот дека највисок процент, преку 95 отсто од овчарските стада се во сопственост на малите индивидуални стопанства, Владата, нагласи Цветков, особено се залага со пакет мерки да го унапреди овој сегмент од сточарството.
„Со транзициските промени во Република Македонија бројот на овците константно се намалуваше се до 2007 година од кога почна реализацијата на владините политики за финансиска поддршка на секторот. Со тоа трендот на намалување е запрен и последниве години постепено се зголемува, освен лани кога е забележан падот од четири отсто поради болеста „син јазик“. Сепак, радува фактот што во 2014-та производството на овчо млеко е зголемено за 4,1 процент споредено со 2013 година или за вкупно околу 35 милиони литри“, истакна министерот.
Овчарството во Македонија, додаде, има долга традиција, поддржано е со поволни природни услови, еколошки чисти зони и пасиштата кои заземаат речиси половина од вкупното земјоделско земјиште. Истовремено, оваа гранка има значајна улога во остварувањето на бруто домашниот производ и го зазема третото место во извозот во земјоделско прехранбените производи со вредност од околу 13 милиони евра годишно.
„Целите на сегашната политика се зголемување на бројот и подобрување на расната структура преку програмите за финансиска поддршка преку директни плаќања за обележани грла со 1.000 денари за што се веќе исплатени 4.200 лица во вкупен износ од 10 милиони евра и дополнителна поддршка од 700 денари за задржано женско јагне сточарите добија уште 1,2 милиона евра“, подвлече Цветков.
Според него, прв пат се воведоа и дополнителни директни плаќања од 500 денари за автохтони раси Праменка (Овчеполка, Шарпланинаска и Каракачанска), како и за одгледано овчарско куче Шарпланинец од 2.500 денари. На сите пријавени чувари на овчарски стада кои ги исполнуваат условите за субвенционирање на платите, веќе им се изготвени решенијата за исплата на околу 7.000.000 денари. Поради природата на мерката, кон крајот на годината ќе биде објавен и нов јавниот повик за 2015 година.
„Од оваа година почна и 50-процентно кофинансирање на набавката на високопродуктивни женски и машки приплодни грла за што огласот наскоро ќе биде објавен. Но, не застануваме тука. Се посветивме и на системското разрешување на пасиштата и на модернизација на бачилата. Обезбедивме 80 милиони денари за 100 државни бачила кои ќе бидат опремени со пристапни патишта, водопоила, соларни панели и громобрани, со се што е потребно за пристоен живот на луѓето и на животните“, напомена Цветков.
Во тек е постапката и за инвентаризација и попис на пасиштата, а се работи и на комплетно нов закон за пасишта кој ќе овозможи рационално и стручно користење на државните пасишта.
На Денот на одгледувачите на овци и кози учесниците се натпреваруваа во молзење и стрижење овци, а беа организирани и изложба на овни од расата Овчеполска праменка, избор на најдобар приплодник, како и изложба на кучиња од расата Шарпланинец. Експерти, пак, ги оценуваа традиционалните сирења произведени на фарма, а имаше и културно-забавна програма.
Како што рече министерот Цветков, манифестацијата станува традиционална и препознатлива не само за стручната, туку и за пошироката јавност, а претставува можност на едно место да се соберат производителите, преработувачите, претставниците од науката и институциите.