Со претстaвата „Со љубовта шегување нема“ започнува младото театарско Охридско лето

Претставата „Со љубовта шегување нема“ од Алфред де Мисе, во режија на Софија Ристевска, а во изведба на Интимен театар од Битола ќе биде прикажана вечерва на фестивалот „Охридско лето“ во рамките на програмата „Младо театрско Охридско лето“ што првпат од годинава стартува како дел од фестивалската програма.

Актерската екипа Здравко Стојмиров, Катерина Аневска и Стефанија Милевска во дворот на Основното училиште „Свети Климент Охридски“ ќе прикажат едно уникатно класично уметничко дело деконструирано и направено по мерка на младата режисерка Софија Ристевска.

„Бескрајно многу се радуваме што не поканија да гостуваме на „Охридско лето“ затоа што за нас, секој контакт со која било публика е бесценет бидејќи театарот што го правиме не е класичен, конвенционален, драмски. Не се интересира за драмското дело како една конвенционална, линеарна структура. Работиме со документарни материјали, разработуваме проблеми што не интересираат нас“, вели Ристевска.

Според неа, претставата „Со љубовта шегување нема“ го обработува проблемот со индивидуата наспроти системот во кој живееме, наспроти капитализмот, наспроти парите, во еден ринг каде што човекот е поставен наспроти финансиите.

„Зборуваме многу за ситуацијата на човекот денес во нашата средина, за луѓето коишто емигрираат и кои во таа потрага за подобро утре многу често се жртви на таа своја понекогаш јалова жртва да заминат од сопствената држава. Зборуваме за проблеми и многу често драматургијата ја отфрламе во тој нејзин класичен вид. Многу често собираме документарни материјали и затоа сакам да и препорачам на охридската публика да не ја гледа нашата претстава како некое драмско дело, туку напротив, како збир од проблеми за кои ние говориме, збир од теми што ги отвараме ние“, објаснува режисерката Ристевска.

Програмата„Младо театрско Охридско лето“ има за цел да ги претстави и поддржи младите тетараски уметници. Катерина Аневска е млада актерска Битолскиот народен театар која за овој проект вели дека е голем предизвик и благодет којшто секој актер би сакал да го доживее.

„Секој нов проект, секоја нова претстава за мене претставува предизвик и се бара начин и средства да се пренесе главната идеја на тоа што го работиме. Но морам да кажам дека соработката со режисерката Софија Ристевска за мене претставува благодет и пред се е исклучително голем предизвик којшто секој актер би го посакал да го сретне. Се работи за физички театар, каде што преку физичко дејство ја пренесуваме главната идеја на претставата која поставува многу прашања што ги мачат сите. Прашањата за капитализмот, дали тој е поважен од љубовта и дали во денешно време тој уништи се што е човечко и се што е хумано“, изјави Аневска. Според актерот Здравко Стојмиров, публиката вечерва ќе има незаборавно доживување.

„Топло ја препорачувам вечерашната претстава. Сигурен сум дека никој нема да остане рамнодушен. Нудиме една динамична игра , а претставата првпат ќе ја играме под отворено небо, вели Стојмиров. Во претставата говорт на сцена е надополнет со движењето на човечкото тело. Улогата на пејач и танчер ја игра Стефанија Милевска. -Тука сум присутна како пејач, како танчер, а за првпат во мојат кариера и како актер. Многу сме среќни што сме заедно, а Софија како наш водич не води низ многу места. Имавме можност оваа претстава да ја изиграме повеќе пати, но колку повеќе ја играме сфаќаме дека ние пренесуваме една порака на друго ниво затоа што на многу нестандарден начин се изведува. Јас лично мислам дека овој тип претстава поставува нови стандарди и е нешто различно од досега изведуваното,“ истакна Милевска. Инаку, Интимен театар е независна театарска група која самоиницијативно ги отвора темите и го крои начинот на изведувањето на делата.

„Тоа што ние дојдовме на „Охридско лето“ за нас е многу важно затоа што немаме никаква генерална и капитална заштита и сами го трасираме патот.Од друга страна, таквиот начин на работа дава слобода да се занимаваме со теми коишто ние сакаме да ги изговориме. Конкретно, безработицата во нашата држава, зошто луѓето емигрираат, дали денес сме доволно луѓе наспроти парите коишто се околу нас, дали луѓето со различна сексуална ориентација се исто толку важни и почитувани во нашето општество или не… Ние веруваме дека театарот има и социјална смисла и друга смисла, а не само уметничка. Има задача да го крои начинот на мислење кај луѓето и да отвара теми. Да се биде лидер на една независна група е многу голема борба, но од друга страна имаме многу слободи“, вели режисерката Ристевска. Интимен театар е независна театарска група која постои од 2010 година.

„Имаме свој простор каде што ги играме претставите на репертоарен принцип што значи понекогаш двапати во неделата играме наш продукт. „Со љубовта шегување нема“ е нашата последна претстава која целосно беше финансирана од Министерството за култура. Премиерата беше на крајот на 2014 година, додава Ристевска. Според неа, публиката секогаш различно реагира на нивните претстави, но тоа, како што вели, е интересно да се набљудува а често е и дел од нивните театарски креации. – Публиката знае каде доаѓа и знае што ќе види. Знае дека овде ќе види нешто различно, на моменти поагресивно, на моменти потешко да се работи, на моменти поинспиративно. Но кога одиме на други места, некоја публика останува на нашата претстава, а некои луѓе заминуваат. За нас е интересно да видиме како публиката се соочува со нешто што е кажано толку јасно и толку гласно“, појаснува режисерката Софија Ристевска.

Претставата „Со љубовта нема шега“ досега се одигрувала само во Македонија, но според најавите, наскоро Интимен театар ќе патува со неа во Софија и во Белград.

sofija_ristevska_press1