Православните верници масовно се поклонуваат пред Света Недела во Оровник

Православните верници го одбележуваат празникот посветен на Светата Великомаченичка Недела. Многубројни верници од целата држава, како и наши иселеници синоќа масовно се поклонуваа пред Света Недела во селото Оровник, палеа свеќи и се молеа за здравје, среќа и бериќет.

За многу години празникот!

Повеќе за манастирот Света Недела во село Оровник

Во местото викано „Капеш“, веднаш над селото Оровник, на патот кој води за „Тројанско поле“ и соседното село Лакочереј, се наоѓа месноста „Лекојта Вода“. На ова место од памти век постои изворче со лековита вода, богата со минерали. Ова место уште од порано меѓу населението било познато како „Св. Недела“.

Во 90-тите години од минатиот век, на иницијатива од оровничанецот Крсте Б. Нелоски заедно со неговата фамилија, потпомогнат од жителите на Оровник и околните места, започната е изградба на манастирска црква Св. Недела. Прво е извршена каптажа на малото изворче, расчистен е теренот и е подигната манастирската црквата Св. Недела. Црквата е осветена на ден 20 јули 1996 год, на празникот Св. Недела. Осветувањето го изврши митрополитот Дебарско – кичевски Тимотеј со своите свештено-служители. Подоцна наредните години, веднаш над манастирската црква изграден е манастирски конак и камбанарија. Богослужба има за празникот Св. Недела, на 20 јули секоја година. Спроти празникот Св. Недела, вечерта на „заслогот“ има голем Црквено – народен собор, кој секоја година е посетен од многубројни верници од целата држава. На самиот празник, на Св. Недела, 20 јули, има богослужба, а манастирот за сите посетители дава ручек.

WebOhrid