Нова постојана музејска поставка на површина од 800 м2 во која ќе биде претставена севкупната слика на развојот на македонската кинематографија ќе биде создадена во Кинотеката на Република Македонија во рамки на проект, кој ќе овозможи соодветна заштита и промоција на вредни експонати кои имаат историска вредност за македонската кинематографија и култура. Проектот е дел од Акцискиот план на Владата за НУ „Вардар филм Македонија“.
Музејската поставка ќе биде завршена идната година и ќе биде промовирана во рамки на чествувањето на јубилејот 40 години постоење на Кинотеката на Македонија.
Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска денеска на прес-конференција во Кинотеката на Македонија рече дека била формирана работна група која долго време работела на изборот на сето она што ќе биде презентирано во новата музејска поставка. По изготвувањето на целокупната проектна програма, посочи министерката, Кинотеката во мај објави конкурс за идејно решение за конципирање на музејската поставка на кој беа пристигнати неколку идејни решенија.
„Комисијата во состав Дејан Јовановски, претседател, Ладислав Цветковски, дипломиран графички дизајнер, како и филмолозите Петар Волнаровски, Игор Старделов и Александра Младеновиќ одлучи првата награда да му ја додели на проектот чии автори се архитектите Медина Гициќ и Елена Ивановска“, рече Канческа – Милевска.
Нагласи дека постојаната музејска поставка во Кинотеката ќе има културолошки и едукативен карактер и преку сите впечатливи музејски експонати, документи, фотографии, филмски проектори, филмски копирки, монтажни маси и други предмети, ќе биде претставена севкупната слика на развојот на македонската кинематографија со посебен акцент на „Вардар филм“.
Таа информираше за неколку активности врз основа на акциониот план на НУ „Вардар филм Македонија“.
„Пристапивме и кон вториот чекор согласно Акцискиот план, а тоа е проектот за реконструкција и санација на објектот кој го користи „Вардар филм“, со кој настојуваме да ги подобриме условите за работа на установата чија главна дејност е обезбедување техничка поддршка односно техничка база која ќе биде сервис и на домашните и на странските продукции. Токму во таа насока, проектната програма за целата реконструкција на објектот вклучувајќи го и реновирањето на тонското студио за постпродукција на звук, е изработена“, истакна Канческа – Милевска.
Институцијата „Вардар филм“, посочи, има објавено тендер и во завршна фаза е изборот на проектантска куќа која ќе го проектира целиот овој реконструиран простор, вклучувајќи го и тонското студио.
„Од огромна значајност е што овој Акциски план донесен од страна на Владата и според кој се движи „Вардар филм“ има огромен број резултати. Со сите оние активности кои ги имавме во однос на изградба на студио со јавно приватно партнерство и отворено и затворено според динамиката одиме во насока да видиме колку странски продукции ќе бидат заинтересирани да земат простор во Македонија за изградба на филмско студио. На две локации ќе се градат филмски студија – едното со површина од 18 хектари во општина Зелениково, а другото во Битола“, појасни Канческа – Милевска.
Директорката на Кинотеката на Република Македонија, Мими Ѓоргоска Илиевска рече дека музејската поставка ќе биде отворена за одбележување на јубилејот 40 години од почнувањето со работа на Кинотеката и 10 години од отворањето на кинотечното кино, кое за новата сезона ќе биде дигитализирано.
„Во поставката ќе бидат опфатени сите сегменти од синџирот на кинематографијата почнувајќи од почетоците на филмот, со филмската продукција, дистрибуција, прикажување и на крај со последната алка од тој синџир, со заштитата на филмското наследство и што е она што го работела Кинотеката на Македонија“, додаде Ѓоргоска Илиевска.
Директорот на НУ „Вардар филм Македонија, Димитар Попов рече дека оствариле профит од дистрибуирање и прикажување на стари македонски филмови. Додаде дека има можност институцијата „Вардар филм“ во иднина да опстојува самостојно.