Традиционалната Полска вечер на „Охридско лето“ и годинава на јубилејното 55-то фестивалско издание донесе неповторливо доживување за публиката во црквата „Света Софија“. Концерт за паметење синоќа одржаа извонредните уметници и виртуози – пијанистот Славомир Зубжицки, тенорот Рафал Зураковски и пијанистката Ана Мерник.
Полскиот пијанист, композитор и изработувач на инструментот виола/оргули со неговиот прв настап во Охрид и Македонија преку фестивалот „Охридско лето“ всушност го промовира својот инструмент во нашата држава.
„Ова е мојот прв концерт во Македонија. Ова место, оваа црква е навистина импресивна и акустиката е апсолутно фантастична. Чувствував како совршено звучеше мојот инструмент овде и уживав заради тоа. Сум свирел на различни места во Европа, Финска, Шведска, Белгија, Италија, па дури и во Турција, во цркви и дворци. Претпочитам да настапувам во цркви, но овде, во „Света Софија“ акустиката е навистина многу длабока“, изјави Зубжицки по завршувањето на концертот. Како што појасни тој, идејата за изработка на инструментот виола/оргули започнал да ја развива во 2006 година откако внимателно ги разгледувал и анализирал скиците на Леонардо да Винчи. „До 2006 година се чудев зошто никој досега не дошол до идеја да направи ваков инструмент според скиците на Леонардо да Винчи стари 500 години. Тогаш почнав со развивање на идејата како да се направи инструментот и ги прегледував скиците на да Винчи. Годинава настапував во Милано и тоа беше посебна прилика за мене да се запознам со родната куќа на Леонардо да Винчи и со местото од каде потекнува инструментот“, рече Зубжицки.
Годинава овој виртуоз планира да сними ЦД со својот инструмент, но бидејќи нема композиции кои се создавани специјално за виола/оргули, како што рече, се труди да прилагоди одредени композиции создавани низ вековите наназад.
„Се трудам композиции од 15, 16, 17, па и од 18 век да ги прилагодам на овој инструмент. Композициите од тоа време можат да се свират на еден инструмент а потоа и на друг“, додаде Зубжицки.
По завршувањето на концерот, уметникот Славомир Зубжицки трпеливо и објаснуваше на публиката на каков инструмент музицираше вечерва и како се изработил тој. Концертот со внимание го следеше и почесниот конзул на Полска во Македонија Коста Костовски според кого полските уметници секоја година преку фестивалот „Охридско лето“ оставаат длабоки импресии кај публиката.
„И годинава, како и изминатите години бевме сведоци на една убава Полска вечер на фестивалот „Охридсксо лето“. Изборот годинава падна на еден исклучителен артист или артисти заедно, но сепак акцент беше ставен на настапот на Славомир Зубжицки кој заедно со себе донесе еден исклучителен и нов инструмент којшто изминативе години го промовираше низ Европа. Во организација на екипата на „Охридско лето“, Почесниот конзулат на Полска во Република Македонија и Полската амбасада, сведоци сме на волшебни импресии од вечерашниот концерт и секако дека тие впечатоци ќе останат длабоко во нас“, рече Почесниот конзул на Полска во Македонија Коста Костовски.
Полската вечер е традиционална на фестивалот „Охридско лето“.Во фестивалската историја ќе остане запишан концертот со еден од најславните композитори на денешницата – Кшиштоф Пендерецки. Минатата година посебна атракција беше концертот на ексклузивниот гудачки квартет „MozART group“ од Полска. Како и секоја година, и овојпат, Полската вечер беше проследена од сегашни и поранешни претставници на дипломатскиот кор, од Полјаци кои живеат во Македонија, како и од домашни и странски туристи.