Денес во министерството за внатрешни работи на Република Македонија , министерот м-р Митко Чавков и директорот на Бирото за Јавна Безбедност м-р Горанче Савовски се сретнаа со Префектот Анапаола Порцио –Проект Лидер на ЕУ регионалниот проект ИПА 2013 . Главна тема на состанокот беше досегашниот тек на имплементацијата на целите планирани во проектот во борбата против меѓународниот организиран криминал во министерството за внатрешни работи на Република Македонија како и идните планови за зајакнување на соработката и нејзино проширување на државите во регионот во наредниов период.
Регионалниот проект , насловен “Борба против организиран криминал: Меѓународна соработка во кривичната материја” ги вклучува Република Македонија, Република Србија, Република Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово (во натамошниот текст: земји-кориснички), при што своите активности ги систематизира во три клучни сектори:
1) Меѓународна полициска и правосудна соработка;
2) Размена на информации и криминалистички податоци, IT и заштита на податоци и
3) Меѓународни истраги и посебни истражни мерки.
Имплементацијата на Проектот е отпочната, а се планира истата да биде комплетирана до јули 2017 година во сите посочени држави од регионот, со што би се зајакнала соработката помеѓу органите за спроведување на законот во земјите-кориснички, што во крајна линија би резултирало со конкретни резултати во борбата против меѓународниот организиран криминал.
Генерална цел на Проектот е спречување и борба против меѓународниот организиран криминал и поврзаните случаи на корупција со прекугранични импликации, како и разбивање на криминални организации вклучени во илегална трговија насочена кон државите од Европската унија.
Конкретна цел на Проектот е унапредување на меѓународната соработка на стратешко и оперативно ниво помеѓу земјите-кориснички, како и помеѓу земјите-кориснички и државите од Европска унија и ЕУ, регионалните и меѓународните организации за спроведување на законот, преку поддршка на меѓународните истраги, афирмација на безбедна размена на информации и криминалистички податоци, употреба на современа комуникациска технологија и механизми за заштита на податоци согласно со стандардите на Европската унија.
Во рамките на досегашното спроведување на овој Проект, од страна на министерствата за внатрешни работи на земјите-кориснички определен е одреден број тековни истраги кои се предмет на интерес на Проектот, при што во Република Македонија се селектирани пет тековни истраги(со транснационален карактер и елементи на организиран криминал).