За 12 пати е зголемен бројот на патници на македонските аеродроми во првите шест месеци од годинава споредено со тој период во 2009 година пред изградбата на аеродоромите. Подобрената аеродромска инфраструктура и владините мерки во изминатиот период, според вицепремиерот Зоран Ставрески, го зголемија бројот на патници и туристи во Македонија.
Рангирањето на Македонија во последниот Извештај на Светскиот економски форум како држава со најдобра аеродромска инфраструктура од земјите во поранешна Југославија за Ставрески е потврда дека развојот на туризмот и приказната за туристичката понуда во државава одат во добра насока.
„Аеродромската инфраструктура е дел од начинот како да се привлечат повеќе туристи и факт е дека по изградбата на аеродромите во Скопје и во Охрид односно реновирањето во Охрид, Република Македонија има многу поголем број туристи“, изјави Ставрески при денешната посета на Општина Бутел.
Податоците покажуваат дека во првите шест месеци од оваа година 634 илјади лица слетале на аеродромите во Скопје и во Охрид и оти во истиот период пред шест години, во 2009 година пред да се изградат аеродромите, имало само 56 илјади лица.
– Значи дванаесет пати е зголемен бројот на патници на скопскиот и на охридскиот аеродорм. Голем дел од тоа се и странски граѓани и туристи и слично. Тоа покажува дека вложувањата во туристичката инфраструктура се неопходен услов за да се зголеми бројот на патници, да се зголеми бројот на туристи во земјата, рече Ставрески.
За привлекување повеќе туристи, според Ставрески, придонеле и мерките на Владата да се субвенционираат турооператорите кои ќе донесат туристи во Македонија со евтини билети, како и субвенционирањето на компаниите што носат туристи, подобрувањето на туристичката понуда, изградбата на нови туристички и реновирањето културни објекти.
„Сето тоа помага да се зголеми бројот на туристи“, изјави Ставерски, оценувајќи дека оди во добра насока работењето на концесионерот на аеродромите компанијата ТАВ, како и развојот на аеродромската инфраструктура.
Не случајно, потенцира Ставрески, аеродромот „Александар Велики“ во Скопје последните две години беше прогласен за најдобар мал аеродром во Европа.