Во рамките на превентивната кампања „Безбедно на мотор“, вчера Секторот за внатрешни работи Охрид реализира заедничка патрола составена од полициски службеници и моторциклисти -членови на мото клубот „Охрид“.
На пресекот на булеварите „Туристичка“ и „Асном“, беше поставен сообраќаен безбедносен пункт при што на моторциклистите, возачите на велосипед со мотор и возачите на мопеди како ранлива категорија учесници во сообраќајот, им беа делени едукативни флаери со низа совети за подигнување на степенот на безбедност во сообраќајот како ефективен начин да се избегнат и намалат сообраќајните незгоди.
При заедничката патрола, полициски службеници и моторциклисти членови на мото клубот „Охрид“ на 30 возачи на моторцикли и мопеди им поделија едукативни флаери и им укажаа на неоходноста од носење заштитни шлемови-кациги, од поседување возачка дозвола за соодветна категорија, почитување на патната сигнализација, на сообраќајните правила и прописи и управување технички исправен мотор.
Вчерашната превентивната кампања „Безбедно на мотор“, доаѓа по неодамна одржаниот координативен состанок на претставници на СВР Охрид, на општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, претставниците на охридските мото и велосипедски клубови, каде беа договорени ефективни, пред се превентивни мерки со цел подигнување на сообраќајната безбедносна култура и почитување на законските одредби од Законот за безбедност во патниот сообраќај.