Државата финански ќе помага и поддржи 28 деца и млади на 14-годишна возраст без родители и родителска грижа сместени во четири станбени единици за организирано живеење со поддршка.
За реализација на оваа помош и поддршка денеска беше потпишан Меморандум меѓу Министерството за труд и социјална политика и СОС Детско село.
За оваа намена МТСП ќе издвојува по три милиони денари годишно. Претходно кон крајот на МТСП и Владата се обврзаа на целосна финансиска подршка на сите СОС згрижувачки семејства, тогаш вкупно 12, за што се издвојуваат околу шест милиони денари годишно.
„Со потпишувањето на денешниот Меморандум, ја надградуваме и интензивираме досегашната соработка во делот на згрижување на деца и млади над 14-годишна возраст преку формата на вонинституционална заштита – организирано живеење со поддршка за деца без родители и родителска грижа. При тоа МТСП ќе ги надоместува месечните трошоци за 28 деца и млади сместени во четири станбени единици за организирано живеење со поддршка,“ рече по потпишувањето на Меморандумот министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Додаде дека најголемо добро кое може да се направи за едно дете кое не по своја вина останало без родителска грижа и љубов е да му се дозволи да живее и расте со чувство на заедништво и припадност. Токму таа грижа заснована на семеен модел, рече, им овозможува да се оформат во здрави личности кои утре ќе бидат потготвени целосно да ја преземат контролата и одговорноста за сопствениот живот.
„Затоа како Министерство за труд и социјална политика кое ја има должноста да им го подобрува животот на овие деца, силно ја подржуваме формата на згрижувачко семејство, бидејќи таа е најхуманата, најсоодветната форма до биолошките семејства кои што нудат вистинска грижа и заштита на децата без родители и без родителска грижа и на децата со пречки во развојот“, потенцира Спасов.
Тие, рече, можеби ја немаат родителската грижа, но не имаат сите нас, како поединци, институции и државата. – На нивниот животен пат не ги оставаме сами. Со низата проекти и иницијативи, секогаш ќе бидеме тука за нив, потенцира министерот Спасов.
Според него, потврда за заложбите за што поголем број на згрижувачки семејства, а и за поголеми можности за оние 180 згрижувачки семејства кои веќе згрижуваат 296 деца е и зголемувањето на паричниот надоместок за згрижување деца без родители и родителска грижа за 25 проценти.
Соработката со СОС Детско село препознаена како установа за долгорочна грижа, според министерот за труд и социјална политика, е многу пати потврдена и реализирана низ различни форми и начини.
Јулијана Гапо, национален директор на СОС Детско истакна дека овие младинци веќе имаат предуслови да бидат успешни, со оглед на, како што рече, поддршката што оваа институција ја дава, но и мерките кои ги реализира Владата на Република Македонија.
Овој начин на вонинституционално згрижување на децата, потенцира, треба да овозможи квалитетна грижа по стандардите и практиките кои се меѓународно прифатени како најсоодветни и најдобри за децата.