Победа за младинките на Македонија на отворањето на ракометното ЕП во Шпанија

Женската ракометна репрезентација на Македонија до 19 години оствари значајна победа против Литванија од 31-27 на отворањето на Европското Првенство во Валенсија.

Со водство во текот на целата средба и предводени од Нолевска и Ристовска кои искомбинираа 15 голови, избраничките на Симе Симовски заслужено стигнаа до триумфот кој ги приближува до пласман во наредната фаза.

Почетокот на натпреварот донесе изедначен ракомет, за сепак Македонија со подобра игра во нападот и неколку успешни обиди од 9 метри да го превземе водството и на пауза за полувреме да замине со предност од 15-13. На самиот старт на второто полувреме разликата се искачи на 5 голови, во период во кој Сара Ристовска и Наташа Нолевска ја предводеа офанзивата на нашата репрезентација, па и покрај силните обиди на Литванките до крајот да фатат резултатски приклучок, нашите репрезентативки знаеја да ја задржат предноста и да ја претворат во заслужен триумф од 31-27.

По натпреварот, Наташа Нолевска беше избрана за МВП во составот на Македонија со 7 реализирани голови. Покрај Нолевска, стрелци за Македонија беа и Ристовска со 8 голови, Митова со 5, Керамичиева со 4, Тодоровска која реализираше 3, Стојановска 2, како и Мишевска и Михајлова кои постигнаа по 1 гол. Кај Литванија, најдобри беа Иванаускиате и Трусите со по 7 погодоци.

Во изјавите по натпреварот, селекторот Симе Симовски и Наташа Нолевска не го криеја задоволството од тешката прва победа, најавувајќи максимален ангажман и против силната Германија против која ја играме следната средба:

Симовски: „Навистина сум среќен со победата. Нашиот следен противник Германија е силен тим, но ние ќе дадеме се од себе да оствариме нова победа“.

Нолевска: „Ова беше тежок и изедначен натпревар и задоволна сум што успеавме да победиме. Сега се насочуваме кон Германија и очекуваме да биде уште потешко, но верувам дека можеме да победиме и на таа средба“.

На другиот натпревар во нашата група што се одигра синоќа, Русија убедливо ја совлада Германија со 26-18.

Натпреварите од второто коло се играат веќе денеска, а мечот Македонија – Германија ќе започне од 21:00 часот по македонско време.