Женската репрезентација на Македонија до 19 години ја заврши првата фаза од Европското Првенство на третото место по синоќешните 26-26 против еден од најголемите фаворити за освојување на шампионатот – селекцијата на Русија.
Русинките одржуваа благо водство во текот на целата средба, но борбената игра во одбрана, заедно со ефикасниот напад предводен од Ристовска, Тодоровска и Керамичиева, ја одржуваа нашата селекција постојано на достижна негатива. Пред крајот на првото полувреме, Македонија изедначи на 15-15, за сепак со гол во последниот напад Русинките да заминат на пауза со минимална предност.
Во второто полувреме Русија на моменти успеваше да се одлепи и на 4 гола разлика, но во последните 10 минути од натпреварот, цврстата одбрана на нашите репрезентативки донесе кам-бек, за во последната минута со реализацијата на Сара Ристовска од 7 метри, Македонија за прв пат и да поведе на натпреварот со 26-25. Русинките реализираа во последниот напад, а за нашата репрезентација остана премалку време да организира последна акција и натпреварот заврши со нерешени 26-26.
Голманката Нина Ладева по натпреварот го доби МВП признанието во нашата селекција, каде меѓу најистакнатите беа и Сара Ристовска која постигна 10 погодоци, Ангела Тодоровска која дополни 6 голови, како и Теодора Керамичиева која беше стрелец на 5 голови. Покрај нив, во листата на стрелци се запишаа и Стојановска со 3 гола, односно Митова и Бојаџиска кои постигнаа по 1 гол.
По овој натпревар од последното коло во првата фаза, Македонија заврши на третото место во групата, зад Русија и Германија. Нашата репрезентација Првенството во Шпанија го продолжува со разигрување за пласман од 9 до 16 позиција, каде ја пренесува победата над Литванија од првата рунда. Во новоформираната група, уште се наоѓаат и селекциите на Србија и Хрватска, а токму следниот меч на нашите репрезентативки, против Србија, ќе биде решавачки за пласман на највисоката позиција на табелата. Денеска на Првенството е слободен ден, а натпреварот Македонија – Србија се игра утре од 17:00 часот.
Инаку, по завршувањето на првата фаза од Првенството, значајно е да се напомене дека Сара Ристовска води на глобалната листа на стрелци со вкупно 22 постигнати голови, два повеќе од Мамиќ од Хрватска и Сантијаго од Португалија. Меѓу десетте најдобри стрелци на Првенството се наоѓа и Тодоровска со 17 постигнати голови.