Одбојкарите на Македонија ја совладаа Данска

Македонската одбојкарска репрезентација забележа победа од 3:1 против Данска, во шестиот натпревар од Групата А во Европската лига.

Нашите одбојкари денес прикажаа одлична игра и сосема заслужено го добија натпреварот.

Првиот сет Македонија го доби со високи 25:16. По речиси изедначена борба, репрезентацијата на Данска го доби вториот сет со 22:25 и го израмни резултатот на 1:1 во сетови. Но, нашата репрезентација повторно прикажа извонредна игра и го доби третиот сет со 25:18. Во четвртиот сет следуваше цврста и пожртвувана игра, каде Данска се бореше за изедначување во сетови, додека пак Македонија за да го добие натпреварот. На крајот Македонија го доби сетот со 26:24 и со вкупен резултат 3:1 во сетови забележа победа на овој натпревар.

Во Групата А води Естонија со 17 бодови, пред Полска и Македонија со по 10, следуваат Австрија со 9, Данска со 5 и Израел со 3 бодови.

Македонија следниот двомеч ќе го игра против Австрија во Скопје на 1 и 2 август.

WebOhrid