Златна маска за маестро Иво Погорелиќ од Охридско лето

Фестивалот Охридско лето на хрватскиот пијанист Иво Погорелиќ, кој со двата концерти во црквата Св. Софија направи вистински музички бум, му подари реплика на Златна маска од Требениште, а неговиот менаџер на поклон доби пеперутка од филигран.

Селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска, заблагодарувајќи се на големиот маестро за неповторливиот настап и вториот концерт со кој матадорот на пијаното, маестро Иво Погорелиќ, ја маѓепса публиката, рече дека уникатната изведба, исполнета со многу енергија, длабока емоционалност и сензибилитет ја остави без здив многубројната странска и домашна публика.

„Уште еднаш се потврди дека големите уметници се пред се големи луѓе. Овој концерт предизвика огромен интерес не само кај домашната публика, туку имаме многу странски посетители кои дојдоа исклучиво да го слушаат овој голем уметник што нас како организатори ни е особено драго“, рече Јосифова-Неделковска.

Долго очекуваниот настап на мега ѕвездата, кој последен пат настапи на Охридско Лето во 1981 година, привлече гости не само од Македонија, туку и од регионот и пошироко.