Албанските уметници даваат значаен придонес во музичката програма на „Охридско лето“

На програмата на „Охридско лето“ значајно место зема и учеството на албанските уметници кои даваат значаен придонес во музичката програма. Тоа се уметници потврдени на светската сцена. Во фестивалската историја ќе бидат запаметени извонредните уметници од Албанија, како Петрит Чеку, Рудин Ленго, Теди Папаврами, итн. Оваа година, во неа ќе се запишат пијанистката Мерита Реџа Тершана, виолинистот Клаиди Сахтачи и челистот Пјетер Гураљуми. Вечерашниот концерт е во стандардниот термин 21 часот во црквата Света Софија.

Пијанистката Мерита Реџа Тершана е една од најактивните музички уметници во Албанија. Во текот на својата кариера настапувала во повеќе земји во Европа, а значајни се и нејзините настапи на фестивалите, меѓу кои „Шлезвик-Холштајн“ („Schleswig-Holstein“) во Германија, „Брегензер фестшпиле“ („Bregenzer Festspiele“) во Австрија, косовскиот „Камерфест“ („KamerFest“) и други. Нејзиниот репертоар опфаќа дела од пијанистичката литература кои датираат уште од времето на барокот, па сè до современата музика на XXI век. На нејзините концерти често може да се слушне премиерна изведба на дела од албански композитори, а има и издадено неколку компактни дискови со албанска музика. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и наградата „Најдобар изведувач на годината“, која ја добива во 2009 година. Богатиот звук на неговиот инструмент, како и елеганцијата и емоциите со кои ги исполнува делата при нивната изведба го сместуваат виолинистот Клаиди Сахатчи во еден од најистакнатите инструменталисти на својата генерација. Своето деби го доживува во Италија, со Националниот италијански симфониски оркестар на телевизијата РАИ. Настапувал со голем број значајни оркестри, под диригентската палка на еминентни диригенти од целиот свет. Бил концерт-мајстор на повеќе значајни оркестри, како Националниот оркестар на Лион, Камерниот оркестар на Цирих, Оркестарот на театарот „Ла скала“ во Милано и други, а во 2009 година го добива престижното место – прв концерт-мајстор на оркестарот „Тонхале“ („Tonhalle“) од Цирих. Како камерен изведувач, соработувал со повеќе реномирани музичари. Виолончелистот Пјетер Гураљуми дипломира на Академијата за уметности во Тирана, во класата на професорот Ѓерѓ Антониу. Уште од 1997 година е чест гостин на мајсторските школи, кои ги одржуваат некои од најреномираните виолончелисти во светот. Гураљуми настапува како солист и како камерен музичар, изведувајќи дела, не само од традиционалниот репертоар, туку и од современата албанска и европска музика. Настапувал на повеќе значајни фестивали во Албанија, но и во САД, во Италија, во Австрија, во Швајцарија, во Франција и во други земји. Добитник е на повеќе награди на национални и на интернационални натпревари.

COLORI_cr