На иницијатива на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, Лилјана Затуроска, Нола Исмајлоска Старова и Драган Данев, во Собранието на Република Македонија е поднесен Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти.
Целта на предложените измени е да се овозможи спроведување на постапките за утврдување на правен статус на бесправни објекти изградени во заштитен крајбрежен појас на природни езера од 50 метри како и ретроактивна примена на одредбите за овие бесправни објекти и за бесправните објекти кои се наоѓаат на земјиште на кое е предвидена изградба на сообраќајна инфраструктура.
Со донесување на овој закон се решаваат крупни проблеми на граѓаните на Република Македонија. Граѓаните ќе може да ги легализираат своите куќи изградени крај природните езера во Република Македонија и објектите изградени на сообраќајниците ширум државата.
Заради еднаква и правична примена на законот, неговата ретроактивна примена ќе овозможи на сите баратели на кои им е одбиено барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект-индивудуална куќа изграден во заштитен крајбрежен појас на природни езера, да им се поништи решението за одбивање на барањето за утврдување на правен статус и да им се продолжи постапката за утврдување на правен статус на предметниот објект.
Ретрокативно дејство се предвидува да важи и за објектите изградени на сообраќајница за кои е донесено решение за одбивање на барањето за утврдување на правен статус.
Предлог законот за легализација покрај природните езера се однесува само на објектите за индивидуално домување и заради спречување на неговата урбана злоупотреба истиот не се однесува на друг вид дивоизградени објекти.
На овој начин се решава проблемот со легализација на куќите во кои со генерации живеат жителите на населените места Трпејца, Пештани, стариот дел на Охрид, Канео, Андон Дуков, Струга, Калишта и Радожда на Охридското езеро, како и населените места покрај Преспанското и Дојранското езеро.
Пратениците на ВМРО-ДМПНЕ и во иднина ќе продолжат во координација со граѓaните да предлагаат законски решенија кои се полезни и го олеснуваат животот на граѓаните.