Бени Османоски е роден пред 26 години во с.Октиси, Струга. Момчето кое денес со гордост го носи македонското знаме на големи светски натпреварувања во Боречки вештини.
Целата приказна започнува во 1997 година во Струга кога Бени почнува да тренира кик бокс, а преку Словенија оди за Швајцарија. Тој веќе шест години живее и тренира во малото градче Биел, во близина на Берн во тамошниот клуб „МОАИТАИ ШАДО БОКСИНГ КЛУБ“. Клубот е во сопственост на неговиот тренер Роџер Руби, поранешен шампион на Швајцарија во карате, кој е истовремено и менаџер во клубот.
Настапувал во во К-1, Кик и Лајт-Контакт, а сега настапува професионално во категорија до 83 килограми во К-1, Кикбокс и Тај-бокс. Во својата кариера има 52 борби од кои 46 победи со 31 нокаут. Има освоено 4 титули во Швајцарија во сите дисциплини, 4 Европски шампионски титули (ВФЦ,ВФМЦ,ИСКА,ВПКЦ) и титулата Светски шампион во Тај-бокс (ВКУ) до 82,5 килограми.
На 03.10. годинава ќе учествува на турнир во Берн наречен „ФАЈТ ФОР ГЛОРИ“ каде Бени во последната закажана борба ќе ја брани светската титула. Има гостувано на Еуроспорт и сите спортски познати медиуми во Швајцарија.
Има потпишано договор за 4 борби на претстојниот „МИКС ФАЈТ ГАЛА“ во Германија, закажан за 05.12. кој ќе оди директно на Еуроспорт.
Сонот на момчето од Октиси се остварува. Неговиот талент го препознаа спортските работници во Биел, инвестираа во него, овозможени му се сите услови за тренирање (тренер, кондицион тренер, психолог, физиотерапевт, светски имиња за тренирање и соработка), но тој сеуште успева да одолее на понудите и вели дека Македонското знаме заслужува да се носи со гордост.