Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Албанија, Босна и Херцеговина и Република Литванија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска во Вила Билјана во Охрид ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Албанија, Босна и Херцеговина и Република Литванија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Албанија, Н.Е. г. Фатос Река, двајцата соговорници го потврдија интересот за натамошно развивање на добрососедството, билатералната соработка и остварување на заедничката стратешка определба – членството во ЕУ.

„Очекуваме безрезервна поддршка од Република Албанија во однос на интеграцијата на Република Македонија во НАТО, а во поглед на интеграцијата во ЕУ очекуваме заемна поддршка и тесна соработка”, истакна претседателот Иванов во поздравното обраќање.

Македонскиот претседател посочи дека Република Македонија континуирано ја унапредува положбата на граѓаните од албанска националност и изрази увереност дека и Република Албанија, со иста посветеност ќе продолжи да работи на унапредувањето на правата на граѓаните на Република Албанија од македонска националност.

Новоименуваниот амбасадор Река нагласи дека за Република Албанија останува приоритет натамошното унапредување на добрососедските односи со Република Македонија.

„Албанија е целосно посветена да ја види Македонија целосно интегрирана во НАТО и во ЕУ. Ние ја сметаме Македонија за сосед-пријател и го поддржуваме нејзиниот просперитет, суверенитет, интегритет и стабилност”, рече амбасадорот Река.

Воедно, претседателот Иванов и амбасадорот Река ја нагласија потребата од интензивирање на економската соработка и соработката во насока на реализација на инфраструктурни и енергетски поврзувања.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Босна и Херцеговина, Н.Е. г-ѓа Лепа Бабиќ, беше разменето мислење за актуелните случувања во регионот и изразена подготвеноста за натамошна соработката меѓу двете земји во евроатланските интеграциски процеси. Претседателот Иванов ја истакна потребата од поттикнување и развој на економските односи.

„Ценам дека постои потенцијал и можности за натамошно јакнење на соработката во сите области, особено во сферата на економијата. Верувам дека со заеднички ангажмани и со збогатување на нормативно – правната рамка за уредување на билатералните односи и соработка, можеме да ги искористиме таквите потенцијали”, посочи во обраќањето претседателот Иванов.

Бабиќ го потенцираше интересот на Босна и Херцеговина за унапредување на севкупните односи со Република Македонија, согласно европските стандарди, а со цел просперитет, мир и стабилност во регионот.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Литванија, Н.Е г-ѓа Раса Каириене, претседателот Иванов посочи дека Република Македонија е силно посветена на исполнување на обврските за просперитетна Европа, се заблагодари за досегашното пријателство и изрази очекување за натамошна принципиелна поддршка од Република Литванија во однос на македонските европски и евроатлански интеграции. Воедно, беше афирмиран интересот и потребата за интензивирање економската соработка.

„Верувам дека мерките и активностите што ги презема Владата на Република Македонија за постојано подобрување на инвестициската и вкупната деловна клима ќе го привлече вниманието на литванската бизнис заедница”, истакна во обраќањето претседателот Иванов.

Новоименуваната амбасадорка истакна дека Литванија и натаму ќе биде силен поддржувач на македонските евроатлански интеграции и изрази очекување за продлабочување на соработката во сферата на одбраната, културата, образованието и науката.

Двајцата соговорници разменија мислења околу актуелната меѓународна состојба со мигрантите, како и за актуелната политичка состојба во Република Македонија.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успех во вршењето на дипломатската должност и изрази надеж дека со својот ангажман ќе придонесат за натамошно унапредување на политичките и економските односи со земјите кои ги претставуваат.

ba_cr al_cr lt_cr