Савовски: Миграционата криза не е само регионален туку глобален предизвик

Директорот на Бирото за јавна безбедност, м-р Горанче Савовски вчера во Софија, Република Бугарија, учествуваше на работниот состанок на оперативно ниво помеѓу државите членки на Салзбуршкиот Форум-иницијатива за соработка во областа на внатрешни работи помеѓу девет земји членки на Европската Унија. Бугарија, која од 1-ви јули 2015 година го превзеде претседателството со Салзбуршкиот форум, го организираше наведениот состанок врз основа на заклучоците на вонредниот состанок на Салзбуршкиот Министерски Форум (кој се одржа на 20 минатиот месец во Брисел) за превземање на итни заеднички акции за борба против илегалната миграција и криумчарење на мигранти. На наведениот работен состанок на оперативно ниво покрај претставниците на државите членки на Салзбуршкиот Форум (Австрија, Бугарија, Хрватска, Чешката Република, Унгарија, Полска, Романија, Словачката Република и Словенија) учествува и претставници од Германија, Србија и Косово.

Учесниците на состанокот се согласија дека константното зголемување на миграциониот притисок и сериозноста на постоечките предизвици ја наметнува потребата од дополнителни акции на оперативно ниво: размена на информации во реално време, зголемено учество во операциите организирани од страна на ФРОНТЕКС, како и во други заеднички координирани акции, формирање на заеднички истражни тимови за борба против криумчарењто на мигранти. Истакнувајќи дека солидарноста и споделувањето на товорот за борба против илегалната миграција треба да биде основа за меѓусебната соработка, претставниците на државите од Салзбуршкиот Форум ја искажаа подготвеноста за подршка на државите од т.н. балканска рута (Македонија, Србија, Унгарија) кои во овој период се соочуваат со најголем миграционен притисок.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, м-р Савовски во своето обраќање ги презентираше мерките кои ги превзема Република Македонија со зголемениот прилив од илегални мигранти. Во таа насока, тој ги посочи последните измени на Законот за азил и привремена заштита, врз основа на кои од почетокот на примената на законските измени (јуни 2015) се издадени повеќе од 20 илјади потврди за искажаната намера за поднесување на барање за признавање на правото на азил во РМ. Истовремено, беше предочено дека само во првите шест месеци од оваа година поднесени се 123 кривични пријави против 179 лица за криумчарење мигранти, што доволно укажува на интензитетот и обемот на криминалот поврзан со илегална миграција.

Со цел обезбедување на подобра подготвеност за справување со бранот мигранти кој се очекува и во наредниот период, директорот Савовски го предочи Акцискиот План на РМ за справување со илегалната миграција, како и активностите на Работната група на ниво на министри која врши контрола на состојбата со илегалните мигранти и ги дефинира неопходните мерки за ефикасно справување. Истакнувајќи дека и покрај тоа што Република Македонија е транзитна земја за мигрантите чија крајна цел е пристигнување во државите на Европската Унија, Република Македонија ги вложува сите материјални и човечки ресурси со цел спречување на илегалниот прилив на мигранти. Согледувајќи дека актуелната криза со илегалната миграција не е само регионален, туки и глобален предизвик, директорот Савовски ја искажа цврстата подготвеност на Р.Македонија за учество во заедничките координирани активности за справување со овој проблем, истовремено истакнувајќи ја и потребата од помош и подршка на државите кои се најмногу погодени со миграциониот притисок, меѓу кои е и Р.Македонија.