Светската музичка атракција „Howard Gospel“ хор пристигна во Охрид

Светската музичка атракција, Американскиот „Howard Gospel“ хор попладнево пристигна во Охрид.

Селекторката на музичкиот дел од програмата Гордана Јосифова Неделковска прва им посака топло добредојде. Нивното единствено барање, веднаш по сместувањето, било да го видат стариот дел на градот бидејќи знаеле дека тука има многу културно историски знаменитости.

Овој ексклузивен ансамбл ќе настапи на Антички на 4-ти, за роденденот на Охридско лето.

„Howard Gospel“ хор, првиот академски хор од ваков вид во светот, е најголемата атракција за годинешново јубилејното издание на Фестивалот. Основан е во 1968 година, и е составен од сегашни и поранешни студенти на Ховардскиот Универзитет, како и од пасионирани љубители на хорската музика. На нивниот репертоар се наоѓаат композиции од современата и од традиционалната американска госпел-музика, црковни химни, црнечка духовна музика (negro spirituals) и др. Во овие композиции најчесто се опфаќаат темите за Исус Христос и за христијанството. „Хауард госпел-хорот“ активно настапува во Соединетите Американски Држави, но и надвор од нивните граници (Канада, Барбадос, Хрватска, Италија, Данска, Шведска, Украина и др.)