Одбојкарската репрезентација на Македонија повторно прикажа одлична игра на денешниот натпревар во Скопје и уште еднаш ја совлада Австрија со 3:0 во сетови во рамките од Групата А во Европската лига.
За разлика од вчерашниот дуел, денес Австрија прикажа далеку подобра и посигурна игра, што воопшто не беше лесно за нашата репрезентација.
Цврста борба се водеше уште од самиот почеток на натпреварот. Сепак, Македонија успеа да го добие сетот со 25:22.
Вториот сет се играше рамо до рамо се до средината од сетот, кога Македонија покажа поголема издржливост и концентрација, па успеа да го преземе водството, да го зголемува и да го затвори сетот со резултат 25:19, односно 2:0 во сетови.
Третиот сет повторно започна со водство на Австрија, кое за наша среќа кратко траеше. Македонските одбојкари изедначија на 11:11 и од тој момент тргнаа кон освојување на сетот и ја добија трката до 25 поени, со резултат 25:22 и вкупно со 3:0 во сетови.
По 8 одиграни кола во Групата А води Естонија со 23 бодови, пред Македонија со 16, Полска со 15, Австрија со 9, Данска 5 и Израел со 4 бодови.
Македонија следниот двомеч ќе го игра на 7 и 8 август во гости против Полска.
WebOhrid