ЕФА му го честита роденденот на „Охридско лето“

Европската асоцијација на фестивали(ЕФА) му го честита роденденот на Фестивалот „Охридско лето“ кој годинава слави 55 години од неговото основање. Во честитката по повод јубилејот, меѓу другото стои дека „Охридско лето“ секоја година реализира успешна фестивалска програма, притоа, зближувајќи ги успешно уметниците и публиката.

„Вие и останатите EFA-членки, продолжувате да поставувате нови цели, копродукции и соработки кои ги вклучуваат локалните здруженија и ги зближуваат уметниците и публиката. И овозможувате на публиката да излезат од секојдневната рутина, да ги прошират видиците, да станат љубопитни и да се запознаат со најдобрите уметнички творештва. Одржувате постојана комуникација со уметници и партнери ширум светот. Овие Ваши принципи се од особена важност во овој свет кој брзо се менува. И покрај различностите во жанр, големина и контекст, овај ангажман и уметничка совршеност е она што ги поврзува и ги прави посебни членките на EFA,“ се вели во честитката.

EFA како мрежна организација на фестивали низ Европа и пошироко, создава една платформа која овозможува средба, поврзување и размена на искуства. Резултатот е тоа што фестивалите ги прошируваат хоризонтите, со тоа што се вклучуваат во нови и продуктивни соработки.

Првиот човек на ЕФА, претседателот Дарко Брлек, и генералниот секретар Кетрин Девентер на Фестивалот му посакаа уште многу успешни фестивалски изданија.

„Убедени сме дека фестивалите треба да ги здружат силите за да го поддржат континуираното постоење на квалитетна уметничка програма. Меѓународната соработка е клучна за овој успех. Во 2015 година, EFA повторно воведува активности кои ја овозможуваат оваа соработка и Ве поттикнуваат на целосно инволвирање. Ве покануваме да ги користите многубројните средства за комуникација кои EFA ги нуди, со цел да бидете слушнати и да воспоставите контакт со светската публика. Со нетрпение очекуваме новости од Вас, за да Ве претставиме пред светот како извонреден фестивал“, истакнаа во роденденската честитка по повод јубилејот на „Охридско лето“, Брлек и Девентер.

Image (151)