Соработката меѓу Пројковски и „Вера Комисаржевскаја“ донесе извонредна претстава на „Охридско лето“

Вечната тема, односите помеѓу мажот и жената и вечната потрага по љубовта синоќа беа прикажани во претставата „Опасни врски“ од Шодерло де Лакло, режирана од истакнатиот македонски режисер Дејан Пројковски а во изведба на театарот „Вера Комисаржевскаја“ од Санкт Петербург, Русија. И Пројковски, и рускиот театар не учествуваат првпат на фестивалот „Охридско лето“. Професионализмот беше единственото нешто што го повторија на годинешното фестивалско издание, а се останато беше ново и неповторливо доживување за публиката.

Претставата го носи всушност лајт мотивот за тоа дали е љубовта само потреба да ја дадеш но и да ја добиеш. – „Опасни врски” за мене и за поголем дел од екипата на театарот беше како продолжение на претставата Ромео и Јулија, со која го отворивме фестивалот „Охридско лето“ пред три години. После тоа оваа претстава дојде би рекол логично, се роди една идеја дека таа соработка треба да продолжи, една продукција која ја работевме во Русија.

„Опасни врски” е претстава која всушност зборува за односите меѓу вечната тема на односите меѓу мажот и жената, вечната потрага по љубовта за би рекол, дефинициите за тоа што е љубов и заедничко живеење, всушност како што и започнува претставата, вели режисерот Пројковски. Руските актери од овој театарски ансамбл, охридските театарски сцени веќе подолг период ги чувствуваат како домашни. – Охрид го доживувам како свое тајно место и таа интима ја раскажувам само со своите најблиски. Оваа претстава како да е продолжение на вечната тема Ромео и Јулија, кои ако не умреле тогаш би продолжиле да живеат во ова време како што е опишано во претставата, вели руската актерка Евгенија Игумнова. И според драмскиот селектор на „Охридско лето“, Ѓорѓи Јолевски, театарот „Вера Комисаржевскаја“ преку нивните претстави во Охрид ја навикна публиката на квалитет и на исклучителна актерска игра. -Овој театар е присутен долго време на сцените во Охрид и со своите прекрасни претстави, кои имаат добиено безброј награди се претставува пред охридската публика. Кога ќе се спомне името на овој театар, секогаш публиката е желна да ја види претставата со која ќе настапи, па токму затоа го имаме како свој театар, појаснува Јолевски.

Со одличната претставата што синоќа ја виде и публиката на „Охридско лето“, рускиот театар „Вера Комисаржевскаја“ минатата година настапи во Црна Гора каде освои награда за најдобра колективна игра.