„ Howard Gospel“ хорот го почести „Охридско лето“ со роденденска музика

Фестивалот „Охридско лето“ денеска со торта и госпел музика го одбележа својот 55-ти роденден. На свеченоста што се одржа во кафетеријата „Аквариус“ присуствуваа бројни новинарски екипи од земјава од надвор, а роденденската песна ја изпеа „Howard Gospel“ хорот кој вечерва од 21 часот ќе настапи на Антички театар како дел од фестивалската програма. Како што истакна директорката на фестивалот Елизабета Јанкуловска, посебна чест е да се биде дел од тимот што го подготвува и реализира јубилејното фестивалско издание во име на сите кои ја граделе успешната историја на фестивалот, од уметници се до соработници и сие љубители кои биле дел од фестивалската програма во изминатите 55 години. 

„Почнувајќи со свеченото отворање со сценската кантата „Кармина Бурана“ па се до денес со на вечерашниот роденденски концерт, реализиравме 30 настани за кои сме сигурни дека долго ќе се паметат. Секоја вечер е посебно убава, различна и многу посетена со различни уметници и со уникатна програма, а досега не посетија на 10 илјади посетители“, рече Јанкуловска. Потсетувајќи на напорната работа за да биде и 55-то јубилејно фестивалско издание врежано во меморијата на публиката, директорката Јанкуловска потсети дека фестивалот успеа да го реализира замисленото.

„На радост на сите нас, успеавме за верната фестивалска публика да го реализираме и вториот концерт на пијанистот Иво Погорелиќ. Полека, но сигурно, проектот „Охридско лето Ви препорачува“ го дава очекуваниот резултат и можеме оваа година да се пофалиме дека фестивалските настани беа многу посетени од странска публика со што спојот на културата, културното наследство и туризмот, покажаа дека можат да бидат добра основа за заеднички проекти и промоција како на фестивалот, така на градот и на туризмот, рече Јанкуловска. „Лајф стримингот“, додаде директорката, го однесе „Охридско лето“ надвор од нашите граници, а Европската фестивалска асоцијација во име на сите членки му го честита роденденот на фестивалот и ја потврди поддршката со пофалби за прекрасната програма и организација.

„Вечерва на наше огромно задоволство јубилејот ќе го прославиме со светската атракција, „Хауард госпел хорот, на Антички театар. Благодарение на успешната соработка со Американската амбасада на која и изразуваме посебна благодарност, и на постојаната поддршка на Министерството за култура и Општина Охрид, како и сите покровители, пријатели и соработници, среќни сме што можеме да се пофалиме дека оваа година имаме прекрасна програма за овој значаен јубилеј“, истакна директорката Елизабета Јанкуловска. Новите простории, како што нагласи таа, годинава овозможија нови и подобри услови зза подготовка и рализација на фестивалската програма, а сцените се подготвени да ги пречекаат и најголемите уметници.

rodenden55-4

„Минатата година ги покривме сцените на Антички театар и Долни Сарај, а оваа година со помош на Општина Охрид успеавме да поставиме и нов под на Антички. Резултатите од овие активности се покажаа на подготовките а концертот на Стефан Миленковиќ. Тие, иако врнеше, се одвиваа во најдобар ред. Моментите кои ги доживуваме како радосни, дека успеавме и во такви несекојдневни и непредвидени активности да постапиме соодветно и професионално, за нас беа оправдување за сите активности преземени за подготовка на сцените,“ рече Јанкуловска која најави дека паралелено со реализација на програмата, се спроведуваат и активности насочени кон склопување на документарен филм со овогодишни кадри.

Македонската телевизија снимаше кадри и изјави кои ќе бидат дел од документарниот филм, и промоцијата ќе биде веднаш по завршувањето на фестивалот, на 21 август. Селекторката на музичката програма на „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска во свое име ја изрази благодарноста кон основоположниците и кон сите оние кои го вложиле својот труд и својата креативна енергија денеска да имаме ваков фестивал, високо етаблиран и член на Европската асоцијација на фестивали. 

„Педесет и пет години фестивалот„ Охридско лето“ ги достигаше највисоките врвови на светската музичка елита и во исполнителски и во творечки опус. Она што е важно за фестивалот, покрај светските музички имиња кои секојдневно настапуваат на нашите сценски простори, имаме и неколку содржини кои се наменети за пошироката публика. Четврти август, денот кога започна „Охридско лето“ изминатите години стана симбол за неповторлив настан, симбол за концерт кој долго се памети а фестивалот приредува уникатен и ексклузивен концерт. За паметење на фестивалската публика останаа концертите на Перпетуум Џезиле, Осумте тенори од Русија, како и минатогодишниот концерт на Немања Радуловиќ и Ѓаволски трилери“, рече Јосифова-Неделковска. Според неа, вечерва, фестивалот ќе и понуди нешто нови на публиката што досега го немало во програмските содржини, госпел музиката и „Howard Gospel“ хорот.

„Овој исклучително атрактивен хор, длабоко веруваме дека вечерва ќе направи едно уникатно уметничко доживување и концерт за паметење со оглед на тоа што во фестивалските содржини досега не сме имале ваков хор со госпел музика. Во својот репертоар тие негуваат традиционална но и современа госпел музика а многу често во нивните композиции се среќава и темата за Исус Христос и за христијанството“, појасни селекторката на музичката програма на „Охридско лето“, Гордана Јосифова Неделковска.

Директорот на овој хор, Реј Брембл на роденденската прослава рече дека сите членови на овој состав се многу возбудено зашто првпат се во Македонија. 

„Многу сме благодарни на фестивалот „Охридско лето“ и на Американската амбасада што не поканија да дојдеме тука. Овде има многу пријатни луѓе“, рече Брембл. Брендон Кокс, претседателот на „Howard Gospel“ хорот потсети дека Howard универизтетот е една од најголемите високообразовни институции за Црнците во САД -Сакаме да живееме според моделот виситина и сервис. Секаде каде што одиме, вклучувајќи ја и Македонија, сакаме да го презентираме тоа што го имаме, а тоа е госпел музиката, потенцира Кокс.

Еден од уметничките директори на хорот, Вилијам Тејлор најави прекрасен концерт вечерва на Антички театар.

„Ќе имаме комбинација од три различни водови госпел музика, традиционална, модерна и спиритуална госпел музика. Се надеваме дека ќе уживате вечерва зашто ние сме многу среќни што настапуваме токму овде,“ рече Тејлор. По сечењето на фестивалската торта, членовите на „Howard Gospel“ хорот испеаја неколку роденденски нумери во госпел стил, со што ја збогатија роденденската свеченост на „Охридско лето“.

rodenden55-2