Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија, денес испрати соопштение до медиумите во кое се вели:
„Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ) се обраќа до македонската јавност по повод продолжувањето на безобѕирно непристојниот маркетинг во функција на претстојните избори во април 2016 година, кој Владата на Република Македонија го практикува и по потпишувањето на договорот за надминување на политичката и уставно-правна криза во државата.
Откако се потпиша договорот во Пржино и се договорија предвремени парламентарни избори, Владата и Груевски веќе ја стартуваа својата предизборна кампања. Безобразно и безобзирно го злоупотребуваат јавниот сервис и националните телевизиите со купените уредници.
Уплашена од соочувањето со народот на вистински демократски избори, се обидува да го саботира договорот за излез од политичката криза, надевајќи се повторно на резултатите кои ги постигнуваше со старите испробани манипулантски практики.
Самопрогласените „реформатори“ сега промовираат, во „еден чекор“, намалување на глобите за компаниите, ја „укинуваат“ обврската „хонорарците“ да плаќаат придонеси, го повлекоа Законот за високо образование и преку ноќ го променија ставот кон СОНК.
Продолжуваат со градење споменици, а згора на тоа како „демократски новитет“ законски сакаат да се дозволи легализирње на дивоградбите што се изградени во заштитените зони и сето тоа повторно „во името на прогресот и реформите, a зa доброто на народот“, а не за нив и за нивната незаситност за власт и моќта која произлегува од неа.
Сега, соочена со рефлексиите од таквите беспримерни политики, мислејќи дека во Република Македонија завладеала колективна амнезија, преку установената пропагандна машинерија власта сака да ја покрие сопствената неспособност.
Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија, ги повикува граѓаните на Република Македонија и гарантите на договорот од Пржино, користејќи го речникот на Прибе, да кажат отворено и јасно „доста е“, бидејќи само таквиот тон и таквиот јазик оваа самобендисана власт може да го разбере. Тоа би бил првиот практичен чекор кон спроведување фер и демократски избори наредната година, во спротивно ризикот од продлабочување на политичката криза станува се поизвесен.“ – стои во соопштението.