Поставен камен-темелник на резервоарот за вода во Требеништа. Со изградбата на резервоарот ќе се реши долгогодишниот проблем на жителите од Требеништа за здрава и чиста вода за пиење. Досега населението со вода за пиење се снабдуваше од каптажа-резервоар која се наоѓа во непосредна близина на новиот резервоар.
„Поради непостоењето на класичен резервоар за вода во летните месеци се јавува недостиг од вода. Од тие причини е пристапено кон изградба на нов резервоар за вода што ќе ги задоволи потребите на селото Требеништа во наредните десетици години. Новиот резервоар ќе биде со капацитет од 150 м3, изработен од армирано бетонски ѕидови и армирано бетонски плочи, изведен на висинска кота од 735 метри надморска висина со што ќе се овозможи гравитационо снабдување со вода на селото.“- велат од Локалната самоуправа.
Со изградбата на новиот резервоар, општина Дебрца очекува подобрување на квалитетот на водоснабдувањето, поефикасно управување со ситемот за водоснабдување, а со тоа и заштеда на енергија. Главната цел на проектот е да ги подготви општинските чинители подобро и поефикасно да се справуваат со предизвиците.