Македонската сениорска кошаркарска репрезентација ја забележа и третата победа во рамките на подготовките за настап на Евробаскетот 2015. Во Скопје во малата сала во Јане Сандански, нашиот национален тим во пријателски натпревар ја совлада селекцијата на Израел со 69-64.
За само четири дена ова е втор триумф на црвено жолтите над незгодниот Израел.
Силниот противник беше победен и во петокот на стартот на турнирот во Охрид.
На денешниот натпревар избраниците на Марјан Србиновски со одлична игра во одбрана не дозволија изненадување во Скопје, и остварија заслужена победа. Како и на првиот натпревар кошаркарите на Израел само во воведните минути од средбата ја имаа резултатската предноста но потоа нашите најдобри кошаркари ја презедоа иницијативата ја засилија играта во одбрана и на крајот стигнаа до рутинска победа над незгодниот противник.
Нашиот центар Предраг Самарџиски со 13 поени беше првиот стрелец во редовите на црвено жолтите, двоцифрен број на поени постигнаа и Војдан Стојановски 12, и Ѓуровски 10 коша.
Во редовите на Израел по 18 кошеви реализираа Мекел и Каспи.
Нашиот национален тим серијата контролни средби пред Евробаскетот ги продолжува веќе в петок кога во Гевгелија ќе ја дочекаме репрезентацијата на Венецуела.