Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која се вели:
„Општинската организација на СДСМ и со денешната прес конференција покажа дека во недостаток на аргументи, со невистини и ниски политички квалификации, безуспешно сака да им се доближи на граѓаните, кои од поодамна не им веруваат. Без трошка политичка одговорност за штетите кои на општина Охрид и ги направи претходната локална власт предводена од СДСМ, тие и овој пат зборуваат за интересот на граѓаните.
Политички неуко и за нив контрапродуктивно е без ниту еден аргумент да ја манипулираат јавноста и да тврдат дека оваа локална власт не реализирала никакви проекти и не ги исполнувала ветувањата. Граѓаните знаат дека во изминативе 28 месеци, новата локална власт на чело со градоначалникот Никола Бакрачески не само што ги реализира проектите кои беа дел од неговата изборна програма, туку направи и многу повеќе. Целосно реализирани се 129, а во тек на завршување се 58 или вкупно 187 проекти,кои се резултат на секојдневни ангажмани и посветена работа на локалната власт и градоначалникот Никола Бакрачески.
Дволично е однесувањето на СДСМ кон сопствените граѓани. Од една страна за плоштадот кај Музичкото училиште, нивниот портпарол денес рече дека е „ пригодна чешма“ , за потоа сам да се демантира и да потенцира дека тоа ќе биде убав објект во интерес на граѓаните и гостите кои доаѓаат во Охрид.Дволичноста се гледа и во делот на изјавата за капиталните проекти кои нивнатата локална власт со години наназад ги најавуваше и не стори ништо, а сега, без ниту еден факт ја обвинуваат оваа локална самоуправа и градоначалникот Бактрачески дека бавно ги реализирала. Ако навистина имаат доблест и минимум достоинство пред јавноста треба да признаат дека проектите се почнати и дека согласно со динамиката и во рамките на законите ќе бидат завршени, зошто за разлика од нивните повеќегодишни празни ветувања оваа локална власт го реализира она што им го ветила на граѓаните.
И денеска охридскиот СДСМ покажа дека нема храброст да се соочи со граѓаните за одговорноста за пустошот што нивното раководство го направи во општина Охрид, туку продолжи со пласирање на невистини со надеж дека барем некој ќе им поверува. Она што го сработи и го работи локалната власт е транспарентно, очигледно и на увид на јавноста , па затоа граѓаните знаат кому искрено да му веруваат.“– стои во реакцијата.