Градоначалникот Бакрачески на лице место кај опожарената зграда на Булевар „Туристичка“

По информацијата за избивање на пожар во стан во зграда на булеварот „Туристичка“ во близина на бензинската пумпа „Лук Оил“, градоначалникот Никола Бакрачески беше на место на настанот. Пожарот веќе е изгаснат а жената и дете кои биле во станот навреме се евакуирани , како и станарите од околните станови.

Добив информации од раководителот на Брзата помош во Охрид дека во овој момент нема сериозни повредени ниту лица со посериозни последици од инхалација на поголемо количество чад. Се работи за три деца кои имаат инхалиран чад и се во добра здравствена состојба без посериозни последици по нивното здравје . Едно од децата има мали изгоретини од прв степен и уште две повозрасни лица имаат инхалирано поголемо количество на чад и според информацијата на раководителот на службата се во добра општа состојба и се префрлени во Општата болница во Охрид во Одделението за интензивна нега од каде ме информираа дека нема никакви посериозни последици по нивното здравје“– рече градоначалникот Бакрачески кој упати пофалба до вработените во Територијалната противпожарна единицата од Охрид и до сите останати лица кои заедно со нив помогнале навремено да се интервенира и да се избегнат посериозни последици.

Командирот на охридската Територијална противпожарна единица Спасе Прентоски, истакна дека пожарот е навреме изгаснат. Во акцијата за гаснење на пожарот интервенирале четири возила и 15 пожарникари.

Засега причините за пожарот не се познати. Предизвикана е материјална штета чија висина дополнително ќе се проценува. По направената проценка Општина Охрид ќе им излезе во пресрет на оштетените семејства.