Пешевски: Ефектите од субвенциите на странските инвестиции повеќе од позитивни

Ефектите од субвенционирањето на странските инвестиции се повеќе од позитивни, а треба да се гледаат не само во моментов, туку дологорочно и во однос на целокупниот економски развој, рече денеска вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Странските вложувања, истакна Пешевски, одговорајќи на новинарски прашања по средбата со менаџерскиот тим на Barracuda FX, носат нешто сега, но и многу работи за во иднина.

„Самиот факт дека имаме раст на економијата, а зголемување бележи и бројот на вработени, зборува за позитивниот ефект на субвенциите за странските инвестиции. Лани имавме најголем пораст на вработени на ниво на странски инвестиции во Европа, преку 200 отсто од странските инвестиции се зголемија. Тоа укажува дека ефектите се позитивни“, нагласи вицепремиерот.

Етаблирањето како таргет-дестинација за инвестирање и доказот дека странски компании тука можат да работат успешно, укажува, додаде Пешевски, дека Македонија веќе ја зацврснува оваа позиција, на дестинација на странски вложувања, и постепено, со развивање локални компании како добавувачи, сегашните позитивни ефекти, ќе бидат уште попозитивни.

Порано, нагласи, не можеше да се забележи гринфилд инвестиција во Македонија, се случуваа само приватизации.