Утревечер ќе се одржи „Вечер на Живко Чинго“ во Велгошти

Годинешната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“, која се организира под покровителство на општина Охрид, ќе се одржи утревечер  во атарот на црквата „ Св. Петка“ во селото Велгошти со почеток во 20 часот.

На манифестацијата, по повод 80 годишнината од раѓањето на Живко Чинго, еден од најбележитите претставници на современата македонска литература, беседа ќе одржи академик Милан Ѓурчинов, а пригодно обраќање ќе има претставник на Локалната самоуправа.

На чествувањето, на Димитар Димоски од Охрид ќе му биде врачена наградата „Живко Чинго“ за најдобар кус расказ, која во конкуренција на 73 раскази, ја освои на годинешниот анонимен конкурс што традиционално го распишува општина Охрид.