Царинските службеници на граничниот премин Меџитлија спречија обид за криумчарење на 8.400 кг. акрилен емулзатор (течен лепак) со вредност од 10.080 евра.
На 8 август 2015 година во 20:30 часот, на граничниот премин Меџитлија на влез во Република Македонија се пријавил С.К. државјанин на Република Македонија, управувајќи транспортно моторно возило со македонски регистарски ознаки. На царинските службеници им пријавил дека превезува 14.430 килограми на стока од Турција за Албанија, за што приложил соодветна документација.
По извршениот увид во документацијата, царинските службеници извршиле детален преглед на возилото и утврдиле дека во истото покрај пријавената стока се натоварени и 8 пластични контејнери со вкупно 8.400 килограми акрилен емулзатор (течен лепак) со вкупна вредност од 10.080 евра, кои документарно не биле пријавени.
Против осомничениот, Царинска управа поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Криумчарење“.