Со 222 гласа „за“, 64 „против“ и 11 „воздржани“, грчкиот парламент го одобри новиот договор постигнат меѓу Владата и кредиторите за третиот пакет финансиска помош за државата. Гласањето се одржа по седумчасовни дебати.
Премиерот на Грција, Алексис Ципрас го оквалификува договорот како „принуден избор“. Истакна дека до тој избор се стигнало откако државата била соочена со дилемата – Или меморандум со еврото или меморандум со драхмата.
Ципрас ќе побара гласање за доверба на Владата на Грција од парламентот по 20 август кога стигнува плаќањето на оврски кон ЕЦБ, јави локалната Скај.
Денеска пред грчките пратеници се најде економскиот пакет за помош од 85 милијарди евра. Грчкиот премиер Алексис Ципрас ги повика пратениците да одобрат пакетот кој тој го оквалификува како „неопходен избор“ за државата.
Обраќајќи се во парламентот пред пратениците да гласаат за договорот со кредиторите, Ципрас наведе дека министерот за финансии Евклидис Цакалотос ќе води битка на средбата на Еврогрупата денеска за да избегне закана од преоден заем.
„Преодниот заем кој и се предлага на Грција како замена, би значел враќање кон „бескрајна криза“, смета Ципрас.
Грција може да добие 6,04 милијарди евра преоден кредит, доколку министрите за финансии од еврозоната не одобрат нова спасувачка програма за Атина на вонредната седница, планирана за денеска, пишува германскиот весник „Билд“, повикувајќи се на предлозите на Европската комисија подготвени за средбата.
Според предлогот преодното финансирање треба да биде за период од максимум три месеци.
Се очекува министрите за финансии на земјите од еврозоната, обединети во Еврогрупата да се сретнат денеска во Брисел, за да ја разгледаат спогодбата, договорена меѓу Атина и кредиторите.
Во грчкиот Парламент сеуште продолжуваат дебатите за спогодбата, кои почнаа доцна синоќа. Грција на 20 август треба да и исплати 3,2 милијарди евра на Европската централна банка.
Извор: Нет Прес