Компаниите како „Везе Шари“ се тие што ја користат добрата бизнис клима и кои го носат развојот на Република Македонија. Затоа сме должни да имаме комуникација со нив и да се прилагодуваме според нивните потреби.
Ова го посочи вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски по вчерашната посета на компанијата во тетовското село Требош.
„Постојано сме во комуникација со компаниите, прашуваме што им е неопходно да измениме во законската регулатива со цел да им се помогне, бидејќи на крајот сите економски мерки и политики се сведуваат како се реализираат на терен од една компанија. Се она што се прави за подобрување на бизнис климата дава резултати кај компаниите што имаат визија, разбирање на пазарот и потенцијал за извоз, а „Везе Шари“ е токму таква компанија“, изјави вицепремиерот Пешевски.
Тој посочи дека сетот на мерки за да се креира добра бизнис клима и да се стимулираат компании како „Везе Шари“ е многу широк и додаде дека Владата колку можела и помогнала на компанијата од Требош за увоз на репроматеријали, за пренамена на земјиште, за вработување, за добивање фидинг тарифа за производство на електрична енергија од биогас,…
На барање на сопственикот Арбен Абдурахмани, компанијата вчера ја посети и премиерот Никола Груевски кој нагласи дека Владата овозможи давање на фидинг тарифа на компанијата за биогас кој ќе се произведува во самата фабрика и од кој ќе се добива електрична енергија.
„Тоа секако силно ќе го зајакне капацитетот на фабриката и ќе придонесе за зголемување на бројот на вработени“, рече Груевски.
Сопственикот Абдурахмани истакна дека е задоволен од бизнис климата во Македонија.
„Везе Шари е странска компанија со 51 отсто германски капитал која е присутна во Македонија од септември 2000 година и од тогаш не сме престанале со инвестиции. Ако не бевме задоволни немаше контиунирано да инвестираме. Нема да застанеме тука и ќе продолжиме да инвестираме во Република Македонија“, рече Абдурахмани.
Тој нагласи дека владините мерки за вработување му овозможиле порано од предвиденото да го достигне бројот на вработени во фабриката што го планирал.
„Планирав до крајот на 2015 година да стигнам до 100 вработени во комплексот Везе Шари, но со поволностите што ги нуди Владата за вработување бројот на вработени во компанијата на крајот на 2014 година изнесуваше 108,“ прецизира Абдурахмани.
Како што рече, првично компанијата започнала со одгледување на пилиња и фарма на несилки за производство на јајца, во 2005 година со инвестиција за производство на сувомесни производи кои од 2007 година почнале да се продаваат под брендот „Лекер“, во 2010 година го прошириле бизнисот во живинарството, а во 2013 година ја изградиле и правата електроцентрала на биогас во Македонија.
„Кај нас ништо не се фрла. Сега целото ѓубре што се создава во нашите комплекси и од околните фарми го собираме, го ферментираме и произведуваме електрична енергија од биогас. На крајот го преработуваме и тоа ѓубре и како хумус за цвеќе го извезуваме во Германија“, потенцира Абдурахмани.